Екипата на Овче Поле од Свети Николе ја оствари првата гостинска победа, откако, во натпревар од 7. коло од Првата лига беше подобар на гостувањето во Скопје кај Шампион со 25:20.
Ракометарите на Овче Поле во текот на целиот натпревар беа константно во водство и со подобрата игра ја остварија втората победа во прволигашкото друштво. Гостите тргнаа енергично, постигнаа неколку гола во низа и бргу поведоа со 7:1.
Шампион никако не можеше да фати приклучок и влезе во уште подлабока криза. Иако по водството на гостинот од 10:2, делуваше дека остатокот од натпреварот ќе биде само формалност, сепак, домаќинот се издигна психолошки во второто полувреме, но немаше многу сили за целосен пресврт.
Откако Овче Поле на полувреме имаше водство од 14:9, составот на Шампион со одлична серија од 4:0 се врати во игра намалувајќи на само гол негатива, 14:13. Гостите се консолидираа, направија серија од 3:0, дојдоа до плус четири гола разлика во 45 минута 17:14 и не дозволија драма во последниот дел од натпреварот.
Најефикасен во победничката екипа беше Дамјан Тодосовски со шест погодоци, додека по четири постигнаа Бојан Гичев и Борјан Цековски. Во поразениот табор се истакна Бобан Дебрешлиоски со шест гола.