Норвешка најде селектор – треба да плати 75.000 евра оштета

Според пишувањата на норвешкиот медиум „Nrk.no“, тренерот на Кристијанштад, Јонас Виле, е новиот наследник на Кристијан Берге во машката сениорска репрезентација на Норвешка.

Ракометниот сојуз на Норвешка веќе го одбрала Виле за нов селектор во репрезентацијата, а во игра за селекторската функција освен Виле, беше и екс репрезентативецот на Норвешка, Кристијан Кјелинг, кој за споменатиот медиум изјавил дека неговата апликација за селектор е одбиена.

Сепак, бидејќи Виле има актуелен договор со шведскиот шампион, ракометниот сојуз на Норвешка ќе треба да го откупи неговиот договор. Висината на клаузулата е околу 750.000 норвешки куни, односно 75.000 евра. Во следниот период би требало да се знаат сите информации околу преговорите на челниците на норвешкиот ракометен сојуз и раководството на Кристијанштад, но не би требало да има проблеми околу ослободувањето на Виле.

Јонас Виле беше назначен за помошен тренер на норвешката репрезентација во текот на месец октомври, 2021 година. По заминувањето на Кристијан Берге од кормилото на норвешката репрезентација, тамошниот сојуз беше во потрага по нов селектор, се шпекулираа повеќе тренерски имиња, главно од Скандинавија, но одлуката падна на Јонас Виле кој во 2019 година беше избран за најдобар тренер во Шведска откако со екипата на Сковде постигна одлични резултати.