Поранешниот репрезентативец на Франција, Хавиер Бараше, кој може да се пофали со олимписко злато од 2012 и златен медал од Светското првенство во 2009, 2011 и 2015, како и освојувањето на континенталниот собир во 2010 година, објави дека ја игра последната сезона во својата ракометна кариера.
На 33-годишниот десен бек од Франција му се предвидуваше голема кариера, но повредите низ сезоните си го направија своето, па така Бараше отсуствуваше од ракометните терени, правеше подолги паузи, а сето тоа се одрази на неговата кариера која се движеше во надолна линија.
Бараше му беше соиграч на Кире Лазаров во Атлетико Мадрид во сезона 2012/13, а пред да направи трансфер во шпанскиот клуб, тој настапуваше за Шамбери.
Во својата кариера го носеше дресот и на ракометниот гигант ПСЖ, таму одигра три сезони. Во текот на 2017 година направи камбек во Сен Рафаел, клуб каде што ќе ја заврши својата кариера.
Во следната сезона на местото на Бараше, Сен Рафаел ќе го има на располагање новиот ракометар Бенџамин Халгрен.