Ракометарите на Младост Богданци на гостувањето кај Металург РА во Автокоманда освоија важни бодови и ја продолжуваат борбата за пласман во македонската елита.
Гостите од Богданци против Металург РА триумфираа со 31:30 (13:15), а победничкиот гол беше дело на најискусниот на теренот Никола Роглев, кој во 58-та минута од пенал донесе победа за својот тим.
Иако избраниците на Бочкаровски имаа шанса да се изборат за реми, сепак, погрешија во клучните моменти и дозволија гостинот да си замине со цел плен.
Најефикасни во победничката екипа со по шест погодоци беа Никола Роглев и Димитар Пеев. Антонио Николоски, Илија Чрчев и Ѓорѓе Ѓуриќ имаа по четири реализации.
Кај Металург РА неколку ракометари беа расположени за игра. Стрелците во поразениот табор ги предводеше Дамјан Наумовски со седум погодоци, по шест постигнаа Виктор Петковски и Филип Георгиевски.
Младост во следното коло ќе игра против Голден Арт 2, додека Металург РА ќе му гостува на Шампион.