Екипата на Металург РА предводена од Дамјан Наумовски со победа ги започна натпреварите од прволигашкиот плеј-оф по триумфот над Шампион од 36:32.
Избраниците на Бочкаровски од самиот почеток беа во резултатска предност и со подобрата игра во финишот од дуелот се израдуваа на победа во првото коло од плеј-оф фазата во Првата лига.
Откако првиот дел заврши со предност на Металург РА од ,,плус три”, 20:17, второто полувреме донесе поголема неизвесност.
Тимот на Шампион во последниот период речиси се врати во игра и во неколку моменти имаше негатива од еден гол, но ракометарите на Бочкаровски беа повеќе пофокусирани во финишот и не дозволија поделба на бодовите.
Натпреварот помина во знакот на Дамјан Наумовски од Металург РА и Илија Пејковски од Шампион.
Наумовски ја предводеше победничката екипа со 15 погодоци, додека во поразениот табор залудни беа 16 реализации на Пејковски, кој немаше голема поддршка од своите соиграчи.