Машката сениорска репрезентација на Македонија ја очекува бараж двомеч против Чешка за пласман на Мундијалот во Полска и Шведска следната година.
Бекот Марко Мишевски очекува тешка задача, но ветува дека ќе дадат максимум и дека евентуалниот пласман на СП ќе им значи многу на помладите.
„Очекувам претежок двомеч, игравме со Чешка на ЕП во Австрија. Тие се добра и квалитетна репрезентација, составена од квалитетни играчи. Прво имаме гостување, а потоа играме на домашен терен, ќе дадеме максимум, за да се пласираме на ова Светско првенство кое многу ни значи посебно на нас младите. Сигурно дека е добро да ја продолжиме таа серија на настапи на големи натпреварувања“, вели Мишевски.
Тој вели дека најголема опасност по македонскиот гол е десниот бек Станислав Кашпарек.
„Се уште не сме правеле детални анализи, почнуваме од денес, прво со тренинг, а потоа и со видео анализи. Од нивните ракометари би го издвоил Кашпарек кој според мене е и најголемата опасност од чешката репрезентација. Но, имаат и други ракометари кои можат да ни создадат проблеми. Ние имаме доволно време, пред нас се четири-пет дена и очекувам да бидеме максимално спремни“, заврши Мишевски.
Првиот натпревар меѓу Македонија и Чешка се игра на 13 април во Злин, додека реваншот ќе биде во Скопје на 17 април.