Металург РА реди победи во Првата лига, постигна 51 гол во Гевгелија!

Ракометарите на Металург РА продолжуваат со одличните настапи во плеј-аут фазата од Првата лига и со убедливата победа над Партизан во Гевгелија од 25:51 го презедоа првото место во групата.

Екипата од Автокоманда во Гевгелија немаше никакви проблеми да дојде до зацртаната цел, уште во воведниот дел го реши натпреварот кога поведе со 1:7. Домаќините кои на овој натпревар настапија со речиси една постава единствено преку Банцалиски се закануваа кон голот на гостите, но расположените ракометари на Металург РА преку контри и полуконтри од минута во минута го зголемуваа своето водство. На полувреме резултатот беше 12:28 во корист за Металург РА.

Гостите во второто полувреме продолжија со исто темпо и не му дозволија на домаќинот ни најмалку простор да го ублажи поразот. Тренерот на Металург РА, Миле Бочкаровски ја измеша поставата и шанса им даде на сите ракометари во формалниот дел. Партизан не успеа да намали дел од резултатската негатива и во финишот влезе во уште поголема криза.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од Партизан, Ѓорѓе Банцалиски со 17 погодоци. Во редовите на Металург РА најрасположени беа Дамјан Субашевски со 11 и Филип Фидановски со десет погодоци.