Во младинските категории во машкиот ракомет, Македонија не може да се пофали со големи успеси, ако се изземе шестото место на младинскиот Мундијал во Алжир кој се одржа пред четири години. Долго време апстинираме од европските шампионати за кадети и младинци, па мора преку настапите на ЕХФ шампионатите да се избориме за место меѓу најдобрите 16 во Европа. Последната шанса беше пропуштена во август летово, кога кадетите не успеаја во финалето со Полска да обезбедат триумф. Следната шанса е летото во 2022 година, кога повторно ќе бидеме дел од ЕХФ шампионатот.
Еден македонски талент, 14-годишниот Мишел Поп Андонов, кој ракометот го учи во Скандинавија, досега не беше на радарот на стручните штабови на македонски селекции.
Станува збор за штипјанец, кој потекнува од познато спортско семејство, во кое има поранешни каратисти и ракометари. Мишел тренира ракомет од 9 години, односно од 2016 година, кога со неговите родители замина во Норвешка.
Тој е дел од норвешкиот тим Вестби и прикажува одлични партии во тамошниот шампионат за играчи од генерацијата 2007 година (помлади пионери). Вестби е град кој се наоѓа на 30 км од Осло. Висок е 186 см, негова природна позиција е средната бековска, но како и сите играчи во Скандинавија, Поп Андонов се снаоѓа на сите бековски позиции.
На последните три лигашки натпревари кои се одиграа викендов, Вестби забележа три победи. На првиот меч славеше со 17-13 против Бјорндал, а Поп Андонов даде осум гола. Потоа Вестби победи и со Линдеруд, односно Дробак, со 21-18, односно 21-19, а Поп Андонов на овие два меча даде вкупно 20 погодоци, по десет на секој од нив.
Откако тренира ракомет, секое лето е дел од камповите на шампионот Елверум. Покрај тоа беше дел од кампот на Кент Робин Тонесен и Ивано Балиќ во 2019 година во Лилестром.
Поп Андонов оваа сезона беше дел од собири на ракометари на регионално ниво, односно изборни тренинзи кои се одржуваат секој месец и се прави селекција на ракометари за младинските репрезентации на Норвешка, а Македонецот веќе мина два филтри и им влезе во око на тамошните стручњаци. Тој поседува само македонско државјанство, но следната година ќе добие и норвешки пасош, со оглед на тоа што од пред неколку години оваа скандинавска земја дозволува двојно државјанство.
Младинските селекции на Македонија ќе имаат официјални натпревари дури следното лето, а во меѓувреме доколку има собири или акции, нашите стручни штабови би можеле сериозно да размислат за повик на Поп Андонов за да се уверат во неговите квалитети.
View this post on Instagram