Македонската легенда Кирил Лазаров денеска потврди дека ова е неговата последна сезона во богатата кариера.
Утре во дресот на Нант на домашен терен ќе игра против Тулуз, а потоа веројатно и во финалето на Купот прптив ПСЖ на 11 јуни што ќе биде негов последен натпревар во кариерата.
Тој се огласи на неговата Фејсбук страница и напиша дека одлуката за крај била тешка, но сепак очекувана.
„Почитувани
Моето долго и прекрасно патување дојде до самиот крај. Одлуката беше тешка да се донесе, но сепак очекувана. Тешка затоа што го работев тоа што го сакам, од срце, со многу страст и ентузијазам. На моја возраст не е нималку лесно да играш на високо ниво во клуб со големи амбиции и очекувања, и во лига чија национална репрезентација веќе две децении доминира во светот на ракометот.
Не сакав оваа одлука да ја соопштам многу порано, иако знаев дека е крај, дека е последна сезона. Сакав да бидам професионален и мотивиран, каков што бев во текот на целата моја кариера. Кога нешто работиш со голема љубов, можеш да поместиш граници.
Заминувам со гордо крената глава, играјќи за клубови-институции како Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Барселона, Нант. Клубови, градови и земји каде останував минимум пет години, што ја покажува обострано стекнатата доверба со луѓето со кои соработував. Довербата се стекнува со многу труд, посветеност, константност… Тоа посебно ме прави горд што не затворив врата во тие спортски институции. Почнувајќи од мојот матичен клуб, Овче Поле, преку Борец и Пелистер, полека, со правилни одлуки и цврсто на земја, без никакви илузии, зачекорив со Европа.
Многу титули, многу успеси и разочарувања, подеми и падови, победи и порази, ситуации каде некогаш не се гледал излез, но со многу верба, посветеност и чесност успевав да застанам на нозе и да продолжам понатаму.
Посебно ми е драго што, покрај обврските кон овие ракометни институции, наоѓав, време, желба и страст да бидам во служба на нашата национална репрезентација. 25 години и тринаесет големи натпреварувања со една мала земја, секогаш аутсајдер против големите, секогаш со голема верба дека Давид може против Голијат, играјќи дури и во петтата деценија од животот за својата земја, ми дава за право секого да погледнам во очи, дури и некогаш да не сум исполнил нечие очекување.
Јавно се заблагодарувам на моето семејство за поддршката целиот овој период.
Благодарност за моите блиски луѓе, кои не се многубројни, но не се ни малкубројни. Самите ќе се препознаат во овие зборови. Благодарност до сите фанови кои ги имав во голем број во текот на целата моја кариера, кои знаеја да препознаат тешки ситуации и дадат поддршка кога е најпотребно заедно да се радуваме, па дури и во болните порази, од кои заеднички излегувавме посилни.Завршувањето на играчката кариера е само едно кратко довидување од ракометот. Мојот веќе новозапочнат предизвик е тренерскиот повик и верувам дека и тука заеднички ќе се радуваме, тагуваме и надградуваме, поместувајќи нови граници.
Моето мото кое пак ќе ме води ќе биде – СЕКОГАШ НА ПОБЕДА!“, напиша Лазаров.