Македонија пружи достоен отпор, но триумфот остана за „каубоите“

Машката репрезентација на Македонија загуби од Хрватска во првиот пријателски натпревар на „Кроација Куп“ со 40-34. Избраниците на Кире Лазаров одиграа храбро во првиот дел, имаа свои моменти и во второто полувреме, но одбраната немаше свој ден, па домашните лесно стигнуваа до погодоци од сите позиции. Хрватска отвори подобро, имаше плус четири, но Македонија во еден момент се врати во егал. На пауза беше плус три за домашните, во вториоот дел „каубоите“ се одлепија на плус седум. Иако нашите ракометари успеаја да ја преполоват предноста, сепак на крајот победата ја однесоа момците на Хрвоје Хорват.

Домашните подобро отворија, имаа и плус четири гола, но малку по малку нашите ракометари се враќаа во игра, заиграа подобро во одбраната и израмнија по дваесетина минути. Во финишот неколку грешки во серија и домаќините одново си ја вратија предноста.

По едно промашување на двете страни, Гоце Георгиевски го отвори резултат со гоол од контра, но Циндриќ набрзина израмни. Пешевски донесе нова предност за Македонија, а потоа следуваа низа грешки и бевме казнети од десното крило Краљевиќ и Дувњак за 5-2 за Хрватска. Манасков промаши пенал, но се поправи во следната акција со гол за 5-3.

Томовски немаше решение за Краљевиќ кој зголеми и на 7-4, а левото крило Јелиниќ донесе највисоки плус четири за Хрватска, 9-5. Беше и 10-6, но како одминуваше времето, така нашите ракометари фаќаа ритам. Хорват ги повлече Циндриќ и Дувњак, влегоа Карачиќ и Срна, па хрватскиот напад малку затаи. Манасков намали на 11-10, а беше и 12-11, па домашниот селектор мораше да бара тајм-аут.

Лазаров исто така менуваше. Кизиќ застана на голот, Стојковиќ во одбрана, а Младеновиќ, Ѓоргиев и Серафимов играа во нападот. Токму Младеновиќ намали на 14-13, но и Шарац на спротивната страна реализира. Следуваа најдобрите минути на Македонија, кога Манасков со два гола во низа, од кој едниот особено атрактивен израмнивме на 15-15. Потоа имаше три грешки, Шуњиќ исто така беше добар на голот и Хрватска се одлепи одново на плус три, 18-15.

Трофеј Хрватска 2023: Хрватска – Македонија

Се постигнуваа брзи погодоци на двете страни, Хрватите ја одржуваа предноста и со голот на Дувњак стигнаа до 22-18. Сепак Македонија избори седмерец, кој во гол го претвори Кузмановски за 22-19 на паузата.

На стартот на вториот дел Муса и Мартиновиќ донесоа плус пет за Хрватска, 24-19 и во продолжение домашните ја одржуваа и ја зголемуваа разликата. Кузмановски беше најистакнат македонски играч во нападот и успеа да намали на 27-24, а на петнаесетина минути до крајот, Хрватска стигна до плус шест, 31-25.

Лазаров им даде шанса на сите ракометари, па заиграа Савревски, Петров, Петар Атанасијевиќ, Костески. Се играше гол за гол во продолжение, но во последните пет минути Македонија се доближи на минус четири, 36-32, беше и минус три, 37-34, но немаше време за камбек во мечот и победата остана за домашните.

Манасков беше најдобар стрелец со девет погодоци, а Кузмановски постигна седум гола. Четири пати во листата на стрелци се запиша Јагуриновски, три пати Пешевски и Младеновиќ, по два пати Павле Атанасијевиќ и Георгиевски, а по еднаш погодија Костески, Петар Атанасијевиќ, Џонов и Ѓоргиев.

Македонија утре го игра последниот пријателски натпревар пред СП, а ривал ќе биде селекцијата на Израел.

Павле Атанасијевиќ со шрауба ги „почести” Хрватите (ВИДЕО)

Бомба на Кузмановски – ја „собра пајажината“ од голот на Хрватска (ВИДЕО)

Дејан Манасков со свој потпис и во Пореч: Атракција „А ла Манасков“ и за Хрватите (ВИДЕО)