Maшката репрезентација на Македонија имаше победнички старт во групната фаза на Медитеранските во Алжир. Избраниците на Кире Лазаров славеа против јужниот сосед со убедливи 39-21. Со одлична одбрана и напад особено во финишот на првиот дел, Македонците јасно ставија до знаење кој е кој на овој натпревар.
Се играше гол за гол во првите петнаесетина минути, 10-10, а противничкиот ракометар Дикаулиас доби директен црвен картон поради еден остар старт. Тогаш тргна серијата на Македонија.
Ѓорѓиев, Костески и Серафимов на два пати од пенал најпрво донесоа 14-10, во продолжение ривалот немаше решение за голманот Кизиќ, кој блескаше на голот и до паузата, Македонија стигна до високи плус седум, 20-13.
Во второто полувреме нашите ракометари исто така тргнаа силовито. Со серија од 6-1, Македонија обезбеди плус 12, 26-14 и веќе беше јасно каков натпревар ќе гледаме до крај. Селекторот Лазаров им даде шанса за настап на сите ракометари до крајот, но предноста во корист на Македонија само се зголемуваше.
Најдобар стрелец беше Мартин Серафимов со седум гола, пред Иван Џонов со шест, а Ненад Костески и Петар Атанасијевиќ дадоа по пет гола. Четири пати погоди Игор Ѓорѓиев, по три дадоа Павле Атанасијевиќ и Александар Петровски, по два пати стрелаа Костадин Петров и Кристијан Симоноски, а по еднаш Марко Стојковиќ и Марко Митев.
Утре од 18:00 часот, доколку нема нова промена на термините, нашата репрезентација ќе игра против домаќинот Алжир. Во другиот меч од групата каде што игра Македонија, Алжир славеше над Турција со 32-27, а Шпанија беше слободна.