Македонија немоќна и во Скопје, вторпат загуби убедливо од Романија (ФОТО)

По поразот од 11 голови разлика, 33-22, од Романија во првиот бараж натпревар за Светското првенство, женската репрезентација на Македонија загуби и на домашен терен со 20-35.

Отворија со водство од 3-1 избраничките на Симе Симовски, но потоа се беше во знакот на гостинките. Направија пресврт и поведоа со 3-5, а по 6-8 набрзина стигнаа и до највисоки плус шест, 6-12.

Симовски се обиде со неколку измени во нападот да внесе свежина, но иако намали на 8-12, нашата селекција повторно влезе во серија грешка, па до крајот на полувремето Романките обезбедија плус осум, 10-18.

Македонија – Романија жени 21-04-2021

Во второто полувреме Кристина Неагу седна на клупата, а Василе им даде шанса на оние со помала минутажа. Но и во таква ситуација, Романките не попуштаа во темпото и ја одржуваа разликата.

Македонските репрезентативки само еднаш успеаја да врзат два гола во серија, по 12-21, Ѓорѓиевска погоди на два пати за 14-21. Романија ги казнуваше сите грешки и на крајот победи со убедливи 15 гола разлика, 20-35.

Најдобри стрелци во македонската репрезентација беа капитенот Ѓорѓиевска со шест гола, а три постигна Ливриниќ, додека кај Романија се истакнаа Моиса со осум, како и Лугану, Серафицеану и Пинтеа со по четири погодоци.

Следната акција за женската селекција ќе бидат натпреварите од Евро Купот против Норвешка, Црна Гора и Словенија во октомври годинава.