Женската репрезентација на Македонија која е комбинирана кадетско-младинска, загуби на стартот на Медитеранските игри во Оран од искусниот состав на Турција со 27-34. Турчинките, кои се дојдени со комплетен сениорски состав и со романскиот селектор Костика Бучечи, во вториот дел го скршија нашиот отпор.
Во првите дваесетина минути се играше гол за гол до 9-9, пред Турчинките за првпат направат поголема предност, 9-12. Сепак набрзина возвратија Џатевска, Кипријановска и Борјана Коцева за реми, 12-12. Во финишот на полувремето беше 15-16, но Турција успеа да погоди уште три пати, а ние само уште еднаш, па на пауза се замина со 16-19.
На стартот на вториот дел искусниот ривал се одлепи на плус шест. Ајдин, Дурду и Туркоглу реалзиираа за 16-22 и веќе беше јасно дека ќе биде тешко да се направи камбек на овој натпревар. Македонија во 45. минута преку Младеновска намали на минус пет, 21-26, но неколку грешки во нашиот напад беа казнети со лесни голови од контранапади и Турција веќе имаше сигурна предност, 21-30.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Kипријановска со шест и Џатевска со пет гола, додека кај Турција се истакна Туркоглу со осум. Утре во терминот од 13:00 часот, Македонија ќе се сретне со Србија.