Новата сезона во Лигата на шампионите треба да започне на 16 септември, а со оглед на пандемијата што се уште владее, ЕХФ и клубовите одлучија на гостувањата да се патува со чартер летови за да се избегнат гужвите и чекањата на аеродромите.
Ракометарите на Вардар се наоѓаат во група со ПСЖ, Фленсбург, ПИК Сегед, Келце, Порто, Мешков Брест и Елверум, а доколку се патува со редовни линии, „црвено-црните“ ракометари ќе треба да поминат во воздух повеќе од 65 часа и преку 24.000 километри.
Покрај многубројните мерки кои треба да се почитуваат, корона тестовите пред секој натпревар, ќе требаше многу напор и за организација на гостувањата и сложените патувања, а освен она во Сегед, Вардар ќе имаше многу такви со менување авиони и аеродроми, па дополнителни патувања со автобус.
Се уште се затворени дел од границите, во секоја земја важат различни ограничувања, па освен клубовите и ЕХФ ќе биде на тежок испит и ќе мора да биде вклучена во организацијата.
Европската куќа на ракометот ќе покрива дел од трошоците за чартер летови за секоја екипа што патува, а такви ќе има по осум неделно во машката Лига на шампиони. Покрај тоа што би се избегнале чекања по аеродроми, би се избегнал и контакт со останатите патници, па ќе има помал ризик од евентуална зараза.
Исклучок од ова би биле патувањата на Загреб, Целје и Веспрем, кои би патувале со автобус кога ќе имаат меѓусебни дуели, а евентуално ист случај кога Вардар и ПИК Сегед ќе играат меѓусебе, како и за меѓусебните дуели на Келце и Мешков Брест.
Заокружете ги во календарот: Познати датумите и саатниците за натпреварите на Вардар во ЛШ