Лазаров наскоро добива Мастер коуч лиценца: Учам од Рибера, Червар, Пасквал…

Капитенот на македонската репрезентација Кире Лазаров оваа седмица доби позитивен резултат од тестот на коронавирус.

Затоа беше одложен натпреварот против Целје во Лигата на шампионите, како и дуелот од францускиот шампионат против Сен Рафаел.

„Позитивен сум. Тоа беше еден од вообичаените тестови. Не мислев дека сум заразен, но тестот е позитивен. Немам симптоми, добро сум и се надевам така и ќе останам”, вели Лазаров во интервјуто за „Спортске новости“.

Лазаров ја открива тајната на долгата кариера и играњето на високо ниво и во петтата деценија од животот.

„Работам добро, тренирам, го работам она што го сакам. Тоа е мојот живот и затоа ми е лесно. Практично, се посветив на фитнесот, бидејќи годините се години што и да мисли некој. Нема да кажам дека не ги чувствувам затоа што тоа би било лага. Тренирам ракомет четири пати неделно. Здрав сум, не заостанувам физички. Имам мир околу мене, професионалец сум во секој поглед“, продолжува Лазаров.

Капитенот откри дека наскоро ќе добие тренерска лиценца.

„Вложувам многу во моето образование. Наскоро ќе добијам мастер лиценца за главен тренер по А лиценцата преку ЕХФ на тема „Анализа на натпреварите на Шпанија во финалето на Европското првенство 2020 година во Стокхолм”. Мислам дека по примерот од Жорди Рибера може многу да се научи. Сè оди по својот тек, не се наметнувам никому и не ми се брза. Знам што зборувам и што правам и важно е да изберам вистински момент за тоа. Шанси секогаш има, мислам дека тоа можам да го работам уште утре, но тоа не е суштината на тренерската работа. Мора да се има добар темел, но без надоградување нема напредок. Секој има свој стил. Јас не сум човек од конфликти. Ако тоа се појави, јас бегам од тоа. Секогаш мислам дека постои начин на кој може да го презентирам мојот став како што сакам. Многу разговарам со Лино Червар и Чави Пасквал, кои ми се големи авторитети. Кога ќе дојде време сигурно ќе знам да одберам“, заврши Лазаров.