Покрај ракометниот кадар со кој располага еден национален тим, селекторот со својот стручен штаб е главниот мозок за осмислување на целокупниот перформанс на теренот. Предводникот на клупата е одговорен за сето она што една селекција ќе го понуди на ракометниот терен, неговата тактика може да ве однесе до самиот врв или па обратно на самото дно. Затоа и одговорноста за постигнатиот резултат секогаш прв на својот грб ја сноси селекторот.
Како и кај ракометарите, исто и кај селекторите искуството и годините поминати на ракометниот терен може да бидат еден од главните фактори за добар резултат. Искусен тренер е добар тренер, но не мора секогаш тоа да е така. Затоа Светското првенство во Полска и Шведска ќе ни понуди селектори кои се етаблирани на својата позиција со километарски стаж на клупата, како и селектори кои штотуку почнуваат со својата тренерска авантура.
Највозрасен селектор на престојното СП е предводникот на Катар, шпанецот Валеро Ривера кој има 69 години. По него, година и пол помлад е србинот Љубомир Обрадовиќ кој е на чело на Капа Верде, а на третото место со 63 години се наоѓа тренерот на Германија, Алфред Гисласон.
Чема Родригез (Унгарија) и Роберто Гарсија Парондо (Египет) се само недела дена разлика во години, помеѓу нив е роден селекторот на Словенија, Урош Зорман. Интересно е дека овие тројца истовремено настапуваа за екипата на Сиудад Реал и во периодот од 2007 до 2009 два пати ја освоија европската титула.
Најмлад селектор на СП во Полска и Шведска ќе биде Полјакот Патрик Ромел кој е роден во јули 1983 година, додека пак нашиот Кире Лазаров е втор најмлад селектор на СП, односно роден е во мај 1980 година.
Останува да видиме со какви тактики, совети, новитети, тренерски емоции, ќе не изненадат актуелните селектори на престојното СП. Дали искуството ќе ја победи младоста? Во нашиов случај нека биде второто.