Лазаров: Градиме нов систем, ќе играме модерен ракомет

Машката репрезентација на Македонија ги стартуваше подготовките за настапот во квалификациите за ЕП 2024 година.

Селекторот Кире Лазаров вели дека ова е нова репрезентација и ќе треба време и трпение за да се доизгради системот што го преферира – со играчи во два правци.

„Ова е нова репрезентација, различна од претходната, комплетна смена на генерации, подмладена без неколку поискусни ракометари како Стоилов, Лазаров, Миркуловски. Од тие искусните што останаа, тука се Пешевски, Митревски…мене лично ми се допаѓа изборот и играчите што ги имаме. Така го селектирав и овој тим за да може да го градиме еден нов систем, кој го почнавме, а сега треба да го доградиме. Преферирам играчите да играат во двата правци, над 90% се такви и ќе пробаме да играме модерен ракомет. Нема да биде исто, но ќе пробаме да го смениме начинот и стилот на игра. Имаме кратко време, но како за другите така и за нас. Ќе пробаме во краток рок да ги вметнеме новите работи. Едно е клуб, друго е репрезентација, за неколку дена да ги спроведете замислите, но имаме вакви искуства“, вели Лазаров.

Тој потенцира дека не смеат да се потценат Луксембург и Турција.

„Ќе бидеме вниманителни, ќе ни треба одреден период за да го добиеме тоа што го сакаме. Свесен сум дека во прво време можеби нема да изгледаме така како што посакувам, но како ќе одминува времето тоа ќе го поправаме. Не смееме да ги потцениме ниту Луксембург, ниту Турција. Имаме доста материјали за нив. Ние сме фаворити на хартија, но треба да ја оправдаме таа улога. Турците доста вложуваат, имаат ентузијазам и амбиции за напредок. Задоволен сум од тоа што имам, освен проблемот со Дејан Манасков, кој сигурно нема да игра со Луксембург, се надевам дека ќе помогне со Турција. Македонската публика ќе има можност во среда за првпат да ја види „новата“ Македонија со комплетна смена на генерациите и се надевам дека ќе се оддолжиме со добра и квалитетна игра“, вели Лазаров.

Првиот натпревар Македонија го игра дома на 12 октомври од 19:00 часот против Луксембург, додека вториот е против Турција на гостински терен на 16 октомври од 16:00 часот.

Нова ера, стари навики – ракометарите во лов на ново ЕП (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Дејан Манасков нема да игра против Луксембург, можеби и против Турција