Куманово фаќа залет кон Суперлига, прослави важна победа над Работнички!

Екипата на Куманово, која се бори за 5. позиција на табелата во плеј-оф фазата во Првата машка лига, денес на гостувањето кај Работнички од 7. коло успеа да дојде до триумф од 23:32, со што ги задржа шансите за пласман во Суперлигата.

Кумановци за момент го презедоа 5 место на табелата со 22 бода, а нивниот конкурент за таа позиција, Аеродром, кој има натпревар помалку, на свое конто до овој момент има 20 бода.

Гостинскиот тим во првиот дел успеа целосно да ги затвори најдобрите стрелци на Работнички, Ѓорѓи Дука и Давид Димевски. Поради тоа, домаќините тешко доаѓаа до позиција за гол. По водството на Работнички од 1:0, следуваше одлична серија на Kуманово од шест гола за водство од 1:6. Тука веќе беше јасно дека домаќините ќе имаат тешка мисија во денешниот натпревар.

Тасевски и Постоловски беа носители на играта на гостите, кои постепено ја градеа својата предност, а по 20 минути игра, резултатот беше 5:13 за Куманово. Одличната игра на Куманово резултираше со убедливо водство од 9:18 на полувреме.

Ракометарите од Куманово во второто полувреме можеа да си дозволат опуштање и измени во поставата. Тоа беше шанса за домаќинот да дојде до помала резултатска негатива, но не ја искористи дадената прилика. Водството на Куманово на дваесетина минути пред крајот беше плус седум гола разлика, 15:22. Во последниот дел од натпреварот немаше поголема промена на резултатот, гостите рутински ја одработија задачата и прославија важна победа.

Најефикасни во победничката екипа беа Влатко Тасевски со десет и Даниел Постоловски со осум погодоци. Во составот на Работнички се истакнаа Давид Димевски со седум, Стефан Чакалиќ со шест и Ѓорѓи Дука со пет погодоци.