Со натпреварот меѓу Рамницу Влчеа и Битигхајм беше отворена новата сезона во Лигата на шампионите, а домашниот состав од Романија славеше со 34:27.
Домашните беа во предност од првата минута и во ниту еден момент не дозволија противникот да им зададе поголеми проблеми. Иако првото полувреме беше нешто понеизвесно и Германките се обидуваа да останат во резултатска игра, сепак, во продолжението работите дојдоа на свое место за домашниот тим.
На полувреме резултатот беше 20:18, а потоа во вториот дел од средбата работите почнаа да се менуваат. Дојде до менување на темпото од страна на Романките кои успеаја да зголемат на сигурна предност и до крајот имаа целосна контрола и на играта и на резултатот. Со тоа беше обезбеден триумф кој им овозможи на најдобар начин да тргнат во сезоната и да освојат два бода.
Ан Норгард со седум гола беше најефикасна во победничкиот состав, додека Да Силва, Елнауи и Фернандез Фрага постигнаа по пет и беа зад неа на листата. Кај поразените Ван дер Хејден со осум гола и Малештајн со шест беа најпрецизни.
Другите средби од 1. коло во Лигата на шампионите во женска конкуренција се играат утре и задутре.