Селекторот на репрезентацијата на Исланд, Гудмундур Гудмунсон, го откри својот состав од 20 ракометари за Европското првенство во Унгарија и Словачка. Исландскиот селектор пред самиот настап на континенталниот собир ќе треба да избере кои 18 ракометари ќе патуваат во Будимпешта.
Гудмунсон нема да може да смета на услугите на големата ракометна надеж, Хаукар Трастарсон, кој поради повреда ќе го пропушти Европското првенство, а од ракометарите кои настапија на Светското првенство во Египет нема да ги има искусните Арнор Гунарсон и Александар Петерсон, како и Магнус Магнусон и Одур Гретарсон. Под знак прашалник е настапот на Хакон Дади Стирмисон. Левото крило на Гумерсбах има повреда на лигаментите.
Сепак, нивното отсуство нема да има големо негативно влијание во таборот на Исланѓаните, бидејќи во нивната репрезентација се враќа еден од најдобрите ракометари во светот, Арон Палмарсон. Членот на Алборг поради повреда не беше во составот на Исланд на Светското првенство 2021.
За време на подготовките, репрезентацијата на Исланд на 7 и 9 јануари ќе одигра две пријателски средби против Литванија. Исланд својата авантура на Европското првенство ќе ја започне на 14 јануари со дерби дуел против Португалија во рамките од Групата Б. Освен Португалија, противници на Исланд во првата фаза ќе бидат и репрезентациите на Унгарија и Холандија.