Исланд со камата ѝ врати на Португалија со перфектно второ полувреме

Ракометарите на Исланд остварија висока победа против репрезентацијата на Португалија во 4. квалификациско коло од групата 4 за пласман на Европското првенство во 2022 година. Исланд победи со фантастично второ полувреме 32:23.

Португалија имаше добро издание во првото полувреме, во поголемиот дел беше во предност и го диктираше резултатот. После водството на Исланд од 1:0, гостите успеаја многу брзо да поведат со три гола, 3:6 во 12. минута.

Со головите на Итураза и Магалаеш Португалија стигна до високо водство од 6:11 во 25. минута. Сепак Исланд не дозволи противникот да се одлепи на недостижна предност уште во првиот дел и во завршните минути успеа да ја намали негативата. На полувреме заминаа со само минус еден, 12:13.

Во второто полувреме сликата на теренот беше многу поразлична, една екипа доминираше во текот на сите 30 минути. Исланд отвори со 3:0 и го одржуваше водството од два до три гола до 42. минута. Португалија намали на минус еден, 18:17 но следуваше катастрофален период за нив каде што го изгубија натпреварот.

Исланд направи серија од 7:0  за околу шест минути и ја обезбеди победата. До крајот на натпреварот одигра рутински и освоија нови бодови. Исланѓаните со овој триумф им вратија на Португалците за поразот пред четири дена и сега со подобар меѓусебен  биланс имаат предност во групата 4.

Најефикасен во составот на Исланд беше Бјарки Мар Елисон со девет гола, пет постигна Елвар Јонсон, а по трипати погодија Гунарсон и Магнусон. Во екипата на Португалија најпрецизен беше Ареиа Родригез со четири гола, додека Итураза Алварез беше стрелец на три погодоци.