Португалија имаше успешно отворање на Светското првенство во Египет откако ја совлада репрезентацијата на Исланд со 25:23. Ова беше трет меѓусебен дуел на овие ривали откако пред неколку дена играа двомеч во квалификациите на ЕП 2022.
Почетокот на натпреварот им припадна на ракометарите на Исланд, поведоа со 2:0 но Португалија многу брзо се врати и израмни на 4:4. Потоа следуваше период на неизвесна игра гол за гол. Со серија од три последователни гола Португалија во завршните минути од првиот дел поведе за првпат со два гола, 9:7.
Исланд не дозволи противникот да се одлепи и да отиде на одмор со посигурна предност, возврати со два гола по ред и повторно беше израмнето. Со цврста игра во одбраната на двете страни, првото полувреме заврши со малку голови, а Португалија беше подобра за еден гол, 11:10.
Во продолжението на натпреварот Португалија имаше нешто поквалитетно издание, веднаш на стартот успеа да „избега“ на четири гола 15:11 што беше највисокото водство дотогаш за една од екипите. Исланд тешко се враќаше во игра, заостанувањето од три до четири гола стана постојано и недостижно за нив. Најмногу што успеаја беше да се доближат на два, но Португалија знаеше како да го одбие ударот и да стигне до првата победа на Мундијалот.
Предводник на Португалија во победата беше Соареш со шест гола, пет постигна Портела, додека четирипати погоди Соарес. Во репрезентацијата на Исланд, Елисон со шест гола беше прв стрелец, а четирипати беше прецизен Гудјонсон.