За успехот на еден спортски колектив како што се важни актерите на сцената – ракометарите (во нашиот случај), така се важни и овие зад неа – медицинскиот тим. Можеби поради пандемијата од Ковид-19 се добива впечаток дека погледите се почесто и се упатени прво кон лекарите и физиотерапевтите, и сите протоколи кои тие ги дефинираат и кои и го составуваат тимот што ќе истрча на теренот. Намерно или случајно ни станува јасно дека оние кои секогаш се во сенка, всушност играат голема, можеби и клучна улога за крајниот исход на еден тим или спортист.
Во исчекување на почетокот на Европското првенство во Унгарија и Словачка, за кое не сме сигурни како ќе изгледа со оглед на големиот број на заразени од коронавирусот во репрезентациите, одлучивме акцентот да го ставиме токму на медицинскиот тим. Односно на еден од неговите членови – физиотерапевтите. Во овој случај е кинезитерапевтот Димитар Маневски. До пред година дена слушавме само за трансфери на играчи и тренери во странски клубови, но сега имаме и член на медицински тим, кој работи во странство – Димитар последнава година се грижи за здравјето на ракометарите на унгарски Веспрем.
Како дете се обидел во сите спортови (никогаш професионално) и токму љубовта кон спортот го насочува кон Факултет за физичка култура, потоа и специјализација по кинезитерапија на Медицинскиот факултет. Денеска е еден од првите кои по обуките во Белград ја применува ергон техниката со современи медицински алатки за лечење на спортски повреди. Веќе 15 години е спортски физиотерапевт. Почнува во фудбалски „води“ како дел од ФК Цементара, потоа ФК Македонија Ѓорче Петров, ФК Металург и ФК Вардар. Кога ќе согледа каква жртва (пред се на приватен план) бара оваа професија, влегува во тимот на „Кинетикус“ кај неговиот професор и ментор д-р. Зоран Ханџиски. Истовремено стигнува и понудата од РК Вардар, кој во тој период го превзема Сергеј Самсоненко и тој прифаќа да биде и дел од ракометниот клуб. Седум години (од 2013 до 2020), две титули во Лигата на шампионите, три СЕХА трофеи, национален шампион и Куп освојувач – сето ова стои и зад името на Маневски, кој несебично се даваше себе си за успехот на екипата и поради тоа беше и еден од омилените ликови во „црвено-црниот“ табор.
Неговата професионалност и посветеност ќе го смести и во медицинскиот тим на македонската машка ракометна репрезентација каде беше сè до СП 2021 во Египет. Една полусезона ќе бидe и во проектот КЛ7 Голден Арт. Потоа ќе се случи трансферот во унгарски Веспрем каде соработува со нашиот репрезентативец Дејан Манасков, но и со лица добро познати за него од вардаровите редови – Арпад Штербик, Марија Лојаница…
„Да се биде дел од медицински тим на една професионална екипа е тешка професија. Јас не работам на компјутер и доколку згрешам немам копче за бришење и да почнам од почеток. Во оваа професија еден погрешен чекор, постапка или третман на повреда може да ги однесат работите во погрешен правец или да значат крај за нечија кариера. Затоа ние, физиотерапевтите, мора да сме постојано фокусирани. Нашите проблеми остануваат пред сала и ние сме посветени и во служба на играчите. Нормално дека не сме безгрешни, на секој може да му се случи, не сме совршени, но се трудиме тие грешки да бидат на минимум, затоа што нема назад и тие се веднаш видливи. Нас не оценува целата јавност – играчите, клубот, претседателот, публиката – ние сме на мета на сите и носиме голема одговорност“, објаснува Димитар Маневски на почетокот на разговорот.
Факт е дека сте вие најмалку прозвани при некој успех?
„Тие што работат во спортот знаат која е нашата улога! Точно знаат и играчите и стручниот штаб и управата на клубот или пак на репрезентацијата што значи работата на медицинскиот тим. Ние од нив ги добиваме најголемите пофалби и ја имаме нивната благодарност, а тоа е повеќе од доволно. Јас на пример никогаш нема да заборавам кога по освојувањето на втората титула во Лигата на шампионите со Вардар, при прославата во Скопје, Иван Чупиќ имаше пофалби за сите, но и јавно му се заблагодари на медицинскиот тим и даде до знаење дека без нас немаше да може да се освои таа титула“ – потенцира Диме.
ВО ПРОФЕСИОНАЛЕН ТИМ 20-30 ПОСТО ОД БУЏЕТОТ ОДИ НА МЕДИЦИНСКА НЕГА
Еден од можеби клучните фактори за успех на еден професионален спортски колектив е тоа каква медицинска грижа и заштите ќе им се пружи на играчите. Во неа, докторот е тој кој дава дијагноза за проблемот или повредата, а врз нејзина основа кинезитерапевтот (кинези значи лечење со вежби) директно работи на проблемот.
„Негата и грижата за играчите е примарна и сите тие услови кои ги има околу него му овозможуваат комплетно да се насочи кон ракометот. Да знае дека е заштитен и да биде среќен. На пример во Вардар, Сергеј Самсоненко, знаеше точно што прави. По правило 20-30 посто од буџетот на една професионална екипа мора да биде насочен на медицинскиот персонал, а ние го имавме тоа во клубот. Цел тим на ’Кинетикус’ се грижеше и за РК и ЖРК, како и ФК Вардар, имавме еден од најсовремените медицински центри и во позадина ја имавме и „Систина“ како поддршка и бевме буквално покриени на секое ниво. Се одеше до тој степен што тоа беше комплетна семејна грижа. Имаше ситуации каде на пример ние сме на некое патување и ќе се појави некој проблем – дете на играч се разболело или паднало, сопругата не се чувствувала добро и тие веднаш беа згрижувани, а играчите не знаеја што се случува се додека не се завршеше натпреварот. Сега и во Веспрем условите се така поставени. Медицината е на тоа ниво што играчите треба да мислат само на ракомет. Беспрекорни услови, најсовремена апаратура за спортска медицина, се што е потребно за нивна превенција, но и за нас како кинезитерапевти кои работиме со нив да може да напредуваме и да се развиваме во нашата работа и истовремено да им помагаме на ракометарите.“
ДОСТАПЕН 24/7, ПРВ ВЛЕГУВАМ, ПОСЛЕДЕН ИЗЛЕГУВАМ ОД САЛА
Кинезитерапевтот нема работно време, тој мора да е достапен 24/7 за играчите и претставува една од важните алки во медицинскиот тим.
„Кинезитерапевтите немаат работно време. Ние сме први со сала, час и половина пред сите и си заминуваме два-три часа по сите. Медицинската служба мора да е прва, да направи план и програма за денот, со кои играчи треба да се работи рехабилитација, со кои рекуперација, дали ќе биде тоа пред или по тренингот. Повреден – неповреден играч, масажи, третман… Секој ден различен план, се зависи од новонастанатите ситуации. За професионален терапевт работното време е 24/7. Се случувало дома да одмарам и да ми се јават, било што и да му се случи на играчот тој е должен тебе да те извести. Имало ситуации каде сум заминувал од свадба, од родендени… кога било потребно да се интервенира. Нема приватен живот, нема слободно време или викенд, ние сме тогаш во сала или на стадион.“ (се смее)
Сигурно си имал секакви ситуации…
„Во оваа професија сум 15 години и сум се нашол во многу специфични ситуации, потреба од итни интервенции, кога сме буквално во трка со времето. За мене најстресни се оние директни контакти на терен, играч со играч, по кој се случува некој да загуби свест и тогаш даваш 200 посто од себе. Неколку пати ми се има случено тоа на натпревар и секунди одлучуваат…“
ПОЛЕСНО Е ДА РАБОТИШ СО ПРОФЕСИОНАЛЦИ
Маневски работеше со големи ракометни ѕвезди во Вардар и во нашиот национален тим. Сега, пак, е задолжен за здравјето на големи ѕвезди.
„Полесно е да се работи со професионалци, иако многу зависи и од типот и карактерот на самиот играч. Секој од нив како професионалец е свесен дека зависи од тоа и доколку сака неговиот играчки век да биде подолг тој треба да го негува телото и да се грижи за него. Има и карактер на играч на кои им треба малку повеќе време за да сфатат што значи сето тоа за нив. На крајот на денот на сите им е јасно дека ако не играат по правилата многу побрзо ќе завршат со ракометот, затоа што тие се зависни од нивното здравје. Кога работите со професионалци кои играат на високо ниво може многу работи и да научите од нив. Паметам Штербик кога дојде во Вардар, требаше да му правам тестирање, но ми кажаа само кога и каде да се појавам, ама не ми кажаа и на кого ќе му правам лекарски преглед. Кога се најдов лице в лице со него се збунив. Играч кој до вчера сум го гледал на ТВ, сега требаше да го тестирам. Јас стојам простум пред него, а тој ми вели ’Добро мали ќе одиме да се тестираме или што ќе правиме!?’“, низ смеа раскажува Маневски и додава: „Многу е лесно да работиш со збир на професионалци, истото сега е и во Веспрем, кои знаат зошто се тука, или зошто сме ние тука.“
„По заминувањето од Вардар, иако имав понуда од Михајло Михајловски да останам во клубот, но се одлучи за нов проект КЛ7 Голден Арт, а и сакав да работам со Кирил Лазаров. Прифатив да бидам дел од одличен проект со кој сакав да изградам нешто. Предизвикот беше поинаков, а и по седум години во Вардар и се што поминав сакав да пробам нешто различно. Односно во Вардар работев со професионалци, а сега идејата беше да се влезе во базата и да градиме професионалци. Разликата е огромна. Личното искуство вели дека бев изненаден како може од два милиони луѓе да имаме толку талентирани деца за ракомет. Со нив е поспецифичен начинот на работа, тие треба да бидат изградени во професионалци. Но, проблемот не е нивната работа, туку формирањето на стручен штаб и соодветен тим кој ќе работи со нив. Како што учат децата азбука на училиште, така треба да се учи еден комплетен систем и тренажен процес во ракометот, но тоа е друга тема на разговор…“
ВИКЕНД БЕЗ СОН ЗА ПРВА ТИТУЛА ВО ЛШ
Димитар Маневски беше со ракометарите на Вардар и во 2017 година кога предводени од Раул Гонзалез за првпат ја кренаа титулата во Лигата на шампионите во Келн, но и две години кога Роберто Парондо и момците го повторија успехот. Малкумина знаат колку медицинскиот тим имаше улога во тие две титули.
„По седум години минати во Вардар можам само да кажам дека сега ми е јасно зошто за Стојанче Стоилов ’Комити’ пеат: ’Столе ти си наша икона!’… Илија Абутовиќ, кој го викавме ’тивкиот убиец’ има играно натпревари под такви болки… Секој од тие ракометари кои беа во тимот тие години даваа се за клубот, како што клубот им даде толку многу на нив. Постоеше безрезервна поддршка и слепа меѓусебна доверба меѓу тренер, играчи и медицински тим, што и да се кажеше играчите го извршуваа тоа без прашање, а тоа е оној момент кој до донесе успехот. Вистина е дека малкумина знаат што медицинскиот тим даде за тие титули. Наша задача беше што побрзо и поквалитетно да ги рекуперираме играчите, а периодот за регенерација беше кус. Ме ’пукаше’ адреналин, цел тој викенд (особено по победата над Барселона на Ф4 2017) дали имав спиено пет часа. Цела ноќ физиотерапевтите работевме со играчите, до три часот наутро, а потоа во 4:30 изутрина имавме состанок со стручниот штаб. Раул и Давид (Дејвис) бараа извештај за кој играч во каква состојба е, колку може да игра. Приоритет ни беа оние играчи кои играат 60 минути, но не смееш ниту еден да запоставиш затоа што не знаеш кој играч ќе ти биде потребен другиот ден и што се ќе се случува на натпреварот. Тој прв Ф4 беше лудило!!! Потоа и со Парондо имавме договор дека остануваме сите без оглед на се и така и се однесувавме, одевме против се и против сите, а тоа ни донесе голема награда, за трудот и за истрајноста.“
ВЕСПРЕМ ПОТСЕТУВА НА ВАРДАР, НО Е КЛУБ СО СВОЈ ИДЕНТИТЕТ
Димитар Маневски неполна година е дел од медицинскиот тим на унгарски Веспрем. Пријатно изненадување беше по низата тренери и ракометари да се слушне и дека еден македонски кинезитерапевт ќе добие шанса да се докаже во странски клуб. И тоа не било каде, туку во клуб со голема традиција и реноме.
„Од секогаш сум сакал да се пробам надвор, во странство и како личност, но и како физиотерапевт, да видам како би функционирал и работел во друго општество. По препорака на неколку ракометари, пред се Арпад Штербик, како и спортски работници добивам понуда за работа во Веспрем. Месец дена порано имав понуда и од ФК Рига, но ја одбив. Тоа беше на почетокот на пандемијата и некако не бев сигурен дали сакам да заминам од дома, да патувам… но потоа кога се јавија од Веспрем – тоа не се одбиваше. Многумина сега ме прашуваат да направам споредба меѓу Вардар и Веспрем, познавајќи го ривалството на двата тима, но факт е дека тие се исти затоа што се професионални клубови, но секој има свој идентитет и различен начин на функционирање! Во Веспрем се е беспрекорно, постои хемија, атмосфера и затоа е многу лесно да се направи премин од еден во друг професионален клуб – сè е на високо ниво! Предизвикот, адреналинот е поинаков.“
„Морам да напоменам дека и Дејан Манасков беше одличен домаќин, се грижеше за мене како постар брат додека да се навикнам на стилот и начинот на живот во Унгарија. Брзо и лесно се адаптирав. Неполна година сум во Веспрем, а се чувствувам како да сум таму со години. Имам еден Србин и еден Унгарец како колеги – физиотерапевти и единствено што беше потребно е мојот начин на работа да го применам во нивниот принцип, со оглед дека тие се до подолг стаж во клубот. И со ракометарите имам одличен однос, а и клубот ми дава можност професионално да се развивам и да напредувам. Се надевам дека оваа соработка ќе донесе нови успеси, затоа што цел и предизвик ми е со еден странски клуб да дојдам до врвот, односно со Веспрем да освојам Лига на шампиони.“
ДВЕ ВО ЕДНО – ФИЗИО И ПСИХИЈАТАР
Самиот велиш дека физиотерапевтите се 24/7 во сала и дека тие се првите на кои играчите е неопходно да се јават во случај на проблем. Повеќе време минувате со ракометарите отколку со своето семејство. Дали тоа значи дека еден физио исто така е и психијатар?
„Во спортот цел стручен штаб е психијатар затоа што 20 играчи е еднакво на 20 различни карактери. Мора секогаш да се најде начин како да се допре до некого, да се создаде врска, конекција. Психологијата во спортот игра голема улога, кој ќе го разбере тоа ќе биде многу поуспешен во спортот. Знам да направам споредба едно четворочлено семејство не може да се разбере, а не пак екипа со толку многу различни карактери. Психологијата и вистинското пријателство, тоа е главниот одговор. Моето мото е дека кармата и вистината секогаш излегуваат на виделина. Затоа секогаш се трудам да создадам искрената релација и корелација. Сепак, за да се успее во тоа спортската психологија игра голема улога. Знам дека секогаш за сите се многу интересни тие приказни за што се случува во соблекувалната, но тоа останува во тие четири ѕида.“
СТОЈАМ НА РАСПОЛАГАЊЕ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Маневски четири години беше дел и од медицинскиот тим на машкиот национален тим. Раул Гонзалез го повика во репрезентацијата во 2018 година и по четири големи натпреварувања, Диме последно беше дел од тимот на СП 2021 во Египет. Релациите се уште постојат, па така Диме и го посети тимот во Маврово каде одработи дел од подготовките за ЕП.
„Со Лазаров имавме убава и клупска и репрезентативна соработка, a и имав договор со Веспрем дека ќе бидам ослободен од клубот секогаш кога ќе сум и потребен на репрезентацијата. Не бев повикан на последните собири со националниот тим, но тоа не значи дека не стојам на располагање, чест и привилегија е да бидеш во служба на национален тим. Тоа го знае и Лазаров и играчите со кои сум во постојана комуникација. Па и со медицинскиот тим, тие се мои колеги, соработуваме, се консултираме, сега ги посетив и во Маврово кога беа на подготовки“, објаснува Маневски и продолжува: „Имам само пофални зборови за тоа искуство и можам да кажам дека претседателот Мукаетов прави сè за играчите и за репрезентацијата, што и да се побара – тој го остварува. Кога Раул ме зеде во репрезентацијата во 2018 година имав еден разговор со претседателот по кој беа купени најсовремени медицински апарати за националниот тим. Паметам во тоа време, една Федерација како ФФМ ја немаше таа опрема. А, колку е Мукаетов човек од спортот најдобро зборува тоа дека при една ЕХФ недела, во која само трениравме (немавме пријателски натпревари) целиот медицински тим и таа опрема се ставија на располагање на фудбалската репрезентација. Фудбалерите истовремено играа некој квалификациски двомеч. Се повредува Елиф Елмас и моите пријатели од медицинскиот тим на ФФМ ме прашуваат за помош дали може да интервенираме со апаратите кои РФМ ги има на располагање. Во договор со претседателот Мукаетов и селекторот Раул добив дозвола и цела медицинска служба беше ставена во служба на колегите од ФФМ и за неколку дена помогнавме Елмас да може да заигра.“
ГОРД ШТО СЕ ПОСТИГНАЛ САМ
Низ разговорот Маневски се обиде да ни ја доволи сликата за физиотерапевтите и нивното значење во еден тим. Зад сето тоа стојат и големи приватни жртви, затоа што како семеен човек неговата сопруга е во Скопје, додека тој работи во Унгарија, без слободен викенд и скромно време за приватниот живот. На крајот на денот целта ги оправдува сретствата, а задоволството е поголемо затоа што успехот го постигнал сам.
„Благодарен сум на себе и на моето семејство! Секој ден учам, не паметам последен пат кога сум имал слободен викенд… Вложувам, учам, жртвував многу, пред се во приватниот живот и платив многу голем цех за да дојдам до ова ниво. И најдраго од се ми е што се сум постигнал сам, горд сум на тоа. И иако сум секогаш со еден спакуван куфер подготвен за одново да заминам на друго патување со тимот, сепак живеам за адреналинот, љубовта и задоволството кои ми ги носи спортот.“