Женската репрезентација на Сенегал се повлече од квалификацискиот турнир за настап за Олимписките игри во Токио поради економската криза која владее во африканската земја.
Во официјалното соопштение на Министерството за спорт на Сенегал беше истакнато дека ситуацијата ги принудила државните органи да направат прераспределба на финансиските средства и ревидирање на приоритетите.
Репрезентацијата на Сенегал беше сместена во квалификацискиот турнир број 1 Натпреварите требаше да ги игра од 19 па се до 21 март, а противници беа Аргентина, Шпанија и Шведска. ИХФ одлучи овие три репрезентации да се борат за двете места кои водат до настап на Олимписките игри во Токио.
Претходно беше познато дека и турнирот во Подгорица ќе мине со три селекции – Норвешка, Црна Гора и Романија, откако прво Кина, па Тајланд се откажаа од настап.
Досега место на Олимпијадата во Токио имаат Јапонија (домаќин), Франција (европски првак) Холандија (светски шампион), Бразил (Јужна Америка), Јужна Кореја (Азија) и Ангола (Африка).