Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија на гостувањето кај хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице со 29-26 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на Европа. Македонскиот преставник ги промаши сите три пенали што беа досудени, па домаќинот тука ја направи предноста, иако голманот Секељ собра 16 интервенции наспроти голманите на Нексе кои имаа 10.
По две промашувања од два тима, резултатот го отвори Мандалиниќ во 3. минута, а за вториот гол, пелистерци мораа да чекаат девет минути. И покрај трите одбрани на Секељ, македонскиот тим тешко го наоѓаше патот до мрежата на Радовановиќ.
Ниту Нексе не блескаше во нападот, но некако успеа да стигне до највисоки 4-1, пред Табоада во 12. минута да погоди вторпат за битолчани. Маџовски доби црвен картон поради еден старт над Маркушиќ, па мораше на трибини.На негово место влезе Ојлески, кој погоди два пати по ред за 5-4 и враќање во игра. Томиќ доби исклучување, па Мандалиниќ и Граџан реализираа во следните наапди за 6-6, а по новите одбрани на Секељ, битолчани поведоа со 7-8.
Имаа две прилики за плус два, но не погодија, па Мелиќ израмни на 8-8. Беше и 9-9, нападот на битолчани снема идеја, па Нексе казни и ја врати предноста, 10-9 на две минути до крајот. Иако Еурофарм Пелистер го имаше последниот напад, не реализираше и на одмор се замина со 12-10.
Веднаш на стартот на вториот дел, Нексе зголеми на 13-10, па беше и 15-11. Битолчани за момент преку Обрадовиќ се доближија на 17-15, но две грешки во нападот и Нексе пак се одлепи на 19-16. Еурофарм Пелистер во следниот период заигра многу поангажирано во одбрана, Нексе не можеше лесно да пробива, а нападот беше подобар и во 45. минута, македонскот тим се доближи само на гол негатива, 21-20.
Домаќинот среќно имаше нови плус три, 23-20, а на десет минути до крајот капитенот Баришиќ Јаман пак го врати Нексе на највисоки четири разлика, 25-21. Битолчани не помислуваа да се откажат од борба и намалија на 26-24, но потоа Кузмановиќ му одбрани пенал на Мандалиниќ. Секељ беше поуспешен од Мелиќ во истата ситуација, а преку Табоада и Костески, Еурофарм Пелистер се доближи на 27-26 кога имаше да се игра уште три минути.
Во последната минута Ојлески тргна во контра, беше грубо фаулиран од Блажевиќ кој мораше две минути надвор. Седмерецот не го реализираше Табоада, па остана 28-26 и Нексе тргна во напад за плус три кој беше реализиран и мечот заврши 29-26.
Граџан беше најдобар стрелец кај битолчани со шест гола, а пет постигна Табоада, додека Секељ имаше 16 одбрани. Кај Нексе се истакнаа Мелиќ со осум и Јелиниќ со шест гола. Реваншот се игра во Битола на 5 април од 18:45 часот.