Ракометарите на Еурофарм Пелистер се враќаат со пораз и од гостувањето во Словенија кај Тримо Требње каде што загубија со 24:28. На тој начин останаа на само еден поен и после четири средби сè уште немаат победа во Групата Д од Лигата на Европа.
Од првата минута во натпреварот тимот на Тримо Требње тргна со предност, а главно разликата беше два гола. Единственото водство тимот на Еурофарм Пелистер го имаше при 5:4 уште во отворањето на средбата, но брзо Тримо Требње успеа да се врати во водство и да го диктира темпото и во продолжение.
Двата гола предност беа најчесто присутни и траеја во текот на целото прво полувреме. Во еден момент Тримо дојде до највисоките четири гола, а поведе со 12:8. Тоа беше на четири минути пред заминување на одмор, но Еурофарм Пелистер брзо успеа да се врати.
Откако разликата падна на само еден гол, 12:11 одново домашните отидоа на плус два и со таква разлика и предност од 14:12 заминаа на одмор.
Вториот дел не донесе ништо ново. Сите обиди на Еурофарм Пелистер да дојде до приклучок и пресврт никако не даваа резултат. На моменти се дојде до негатива од гол. Најголемата шанса за нерешено и целосно вртење на мечот беше при 19:18 за Тримо Требње, но тогаш имаше грешка. Не се користеа шансите, па противникот редовно казнуваше.
На сето тоа во финишот од средбата се повреди и голманот Трајкоски во обид да дојде до спасување на голот додека втрчуваше бидејќи се менуваше. Притоа настрада неговото рамо откако се удри во рекламите. Тука почна и зголемувањето на водството на Тримо Требње кое се искачи на шест гола на пет минути до крај кога веќе не ни можеше да се направи нешто повеќе.
Еурофарм Пелистер до крај ја намали негативата и го ублажи поразот, но претрпе нов и на тој начин останува без триумф после четири одиграни средби.