Ракометарите на Еурофарм Пелистер претрпеа тежок пораз на дуелот против Ним со 21:26 откако од почетокот влегоа во негатива и никако не успеаја да се вратат во ритам и во игра за подобар резултат.
После водечкиот гол на Граџан за само 30 секунди игра дојде до лош период. Цели 12 минути голот на Десбоне беше недопирлив. Еурофарм Пелистер никако не можеше да дојде до погодок, а за тоа време прими дури седум и влезе во голема негатива со која беше тешко да се врати одново во мечот и да има подобар период.
Во овој дел од средбата беше зачудувачки моментот дека на теренот ги немаше Мандалиниќ и Периќ кои се прв избор за лев и среден бек. Тие почнаа од клупа, а на терен беа Обрадовиќ и Табоада кои тешко се снаоѓаа со одбраната на Ним.
Кога влегоа на терен противникот веќе беше разигран, имаше голман кој не само што бранеше туку и погодуваше бидејќи Десбоне постигна дури три гола. Таквиот ритам донесе резулат од 6:15 на полувреме и тука веќе беше загубен овој дуел така што беше јасно дека во вториот дел од средбата ќе биде тешко да се направи нешто повеќе.
Почетокот на второто полувреме даде искра надеж за подобар резултат. Три гола во серија најавија подобро продолжение на средбата, но после 9:15 следуваше одговор од гостите, па не можеше да се очкеува нешто повеќе.





Еурофарм Пелистер – Ним (Лига Европа)
Редовите на Еурофарм Пелистер не функционираа најдобро и тоа се забележуваше во поголемиот дел од средбата. Се бараше простор за да се дојде до подобра позиција и да се намали, но водството на Ним почна да се топи дури во финишот. Гостите се опуштија, па во последните минути од средбата Пелистер успеа да намали. Дојде до подобар резултат, но беше доцна да се очекува нешто повеќе.
На две минути до крај резултатот беше 21:25 и ова веќе делуваше на пристоен пораз. Сепак, разликата која Ним ја создаде многу порано беше сосема доволна за да може во завршницата да одигра така како што одигра. До крајот имаше уште еден гол во мрежата на Еурофарм Пелистер, за конечни 21:26, па битолчани може да жалат поради лошата партија во првите 30 минути.
Француски шамар за Бабиќ и Еурофарм Пелистер – Ним дојде, виде и победи (Фотогалерија)
ЛИГА НА ЕВРОПА – ГРУПА Д
ТАБЕЛА