Екипата на Еурофарм Пелистер по поразот од Вардар во претходното коло, им се врати на победите во суперлигашкиот плеј-оф, откако на свој терен славеше убедлива победа против Охрид, со резултат 32:24.
Воведниот дел започна со изедначена игра, гостинот во неколку наврати имаше минимално водство, но по нерешените 3:3, домаќините со лесни погодоци, главно од контри и полу-контри, направија серија од 4:0 за водство од 7:3 во 12 минута. Охриѓани со голот на Цирар ја прекинаа серијата на погодоци на домашниот табор намалувајќи на 7:4.
Ракометарите на Андоноски беа упорни да дојдат до камбек и во 18 минута кружниот напаѓач Иван Тасески со својот прв гол намали на минус два, 7:5. Беше и 8:6 во 20 минута и по краткиот налет на гостинот, следуваа два гола по ред на Жарко Пешевски, кој на својот тим му ги донесе максималните четири гола разлика од првата половина и водство од 10:6.
Тимот на Охрид за момент намали на 10:7, по што следуваа седум гола во серија на домаќините, кои пред финишот од дуелот дојдоа до убедливо водство од 17:7 и во тој момент ја запишаа победата и новите бодови на свое конто. Гостинот тешко ја пробиваше цврстата одбрана на домаќинот и до крајот на првото полувреме постигна уште еден гол, така што по 30 минути игра резултатот беше 17:8 за домаќинот.
Во продолжението водството на домаќинот по неколку минути игра беше 21:10, додека тимот на Андоноски успеа да преполови дел од негативата, во 45 минута намали на 23:16, но во последниот период од финишот не направи нешто значително за да дојде до поблаг пораз. Пелистерци по малото опуштање повторно влегоа во брзина, постигнаа неколку брзи гола, се одлепија на 28:18 водејќи го натпреварот до убедлива победа.
Најефикасни во победничката екипа со по шест погодоци беа Ненад Костески и Жарко Пешевкси. Кај Охрид прв стрелец беше Ерај Караокоќ со седум реализации.