Еурофарм Пелистер ги „запали“ моторите, отсутни репрезентативците (ФОТО)

Тимот на Еурофарм Пелистер со денешните медицински тестови ги започна подготовките за пролетниот дел на сезоната 2022/23.

Тренерот Ларс Валтер денес ги собра ракометарите во спортската сала „Боро Чурлевски“ и им ја соопшти агендата на подготовки до крајот на јануари.

Ракометарите ќе тренираат во следните две недели во Битола, до крајот на неделата и двапати дневно. Од 26 јануари Врбас ќе биде база на пелистерци, а на 29 јануари и 2 февруари планирани се и два натпревари од СЕХА лигата. Враќањето во Битола е предвидено за 3 февруари.

На прозивката отсутни беа репрезентативците Кузманоски, Кизиќ, Пешевски, Павле Атанасијевиќ, Костески (Македонија), Лесјак (Словенија) и Радовиќ (Црна Гора).

Комплетно заздравен е Мартин Велковски, кој не настапи во првиот дел од сезоната. Заради повреда пролетниот дел ќе го пропушти Руди Сери. Во Битола веќе пристигнаа и интернационалците Дејвис, Васиљев, Хосни, Хенеберг и Суси.

Мохамед Суси ја минува фазата на рекуперацијата по зафатот на коленото во ноември 2022 година и лекарските прегледи ја покажуваат неговата еволуција и одличен напредок.

Се очекува негов настап на пролетните натпревари во Суперлигата, Купот на Македонија и ЕХФ Лига Европа. Првиот европски натпревар во 2023 година, Еурофарм Пелистер ќе го одигра на седми февруари во Данска против Архус.