Екипата на Охрид интензивноработи и се подготвува за плеј-офот од Супер лигата. Освен на теренот, екипата активна беше и во потрагата по нови засилувања. Едно од нив е и името на турскиот репрезентативец Ерај Каракоч, кој во Охрид дојде од екипата на Трабзон.
21-годишниот среден бек, кој има и 17 настапи за турската репрезентација, вели дека повикот од Охрид дошол после натпреварот помеѓу Македонија и Турција, а самиот имал желба да заигра во странство.
„На дуелот помеѓу Македонија и Турција, во рамки на квалификациите за Европското првенство, јас покажав добра игра, постигнав 8 погодоци од 8 шута. После тоа стигна и повикот од Охрид, кој јас го прифатив без двоумење, бидејќи желба ми беше да настапувам во странство. Условите кои ми ги понудија беа навистина одлични и јас немав никакви дилеми каде ќе ја продолжам мојата кариера“, изјави Каракоч во разговорот за 24Ракомет.
Каракоч кој во Охрид е неполн месец, вели дека пополека се навикнува на екипата и влегува во системот на Андоновски.
„Екипата ме прифати одлично и тоа ми помогна подобро да се адаптирам на средината. Се уште мал проблем ми е комуникацијата со соиграчите, но се надевам дека како што ќе поминува времето ќе го надминам и тоа. Пријателските натпревари за мене се повеќе од добредојдени затоа што тоа ќе ми помогне да се воиграм со тимот“, додава турскиот интернационалец.
Дополнително позитивно за него е тоа што во градот има голем број припадници на турската заедница, а и блискоста на двете култури, македонската и турската.
„Во овој еден месец колку што сум тука успеав да го разгледам градот и да се запознаам со неколку луѓе, Турци, кои живеат тука. Воодушевен сум од односот на граѓаните кон припадниците на турската заедница и од тоа како ме прифатија. Плус за мене е блискоста на двете култури и колку турската кујна има влијание на македонската. Тоа секако ќе ми биде од голема помош да се навикнам на животот овде, да прикажам добри игри и да му помогнам на тимот во остварување на целите“, истакна Каракоч.
Покрај Каракоч, екипата на Охрид за пролетниот дел од сезоната се засили уште со Стефан Дрогришки, Гал Цирар и Абдерахим Будрали.