Селекцијата на Данска одигра реми против Хрватска, 32:32, на стартот на главната рунда на Мундијалот и веќе со една нога се наоѓа во четвртфиналето.
Данците можат да бидат задоволни со освоениот бод, бидејќи доколку загубеја, тогаш Хрватска ќе имаше големи шанси за прогрес, односно за пласман меѓу 8-те најдобри селекции на шампионатот.
Дуелот меѓу актуелниот светски шампион и ,,коцкестите” беше проследен со голема борба за секоја топка, цврста одбрана, неизвесност…
Селекторот на Данска, Николај Јакобсен смета дека ракометарите на Хрватска биле премногу насилни во вчерашниот дуел.
,,Мислам дека Хрватите беа многу насилни, особено кон Матијас Гидсел. Тоа беше многу тежок натпревар за младиот ракометар. Затоа често моравме да играме 7 на 6, за да внесеме повеќе смиреност во играта… Тоа беше една хаотична игра и можеме да кажеме дека исходот од дуелот е најреален. Играме сосема друг стил на игра, за мој вкус ова беше премногу насилно. Не се согласувам со критериумите што ги имаа шпанските судии. Хрватите беа насилни, знаевме дека ќе не „тепаат“, изјави Јакобсен.
Данска утре ќе го одигра вториот натпревар од групната фаза, а противник на избраниците на Јакобсен ќе биде селекцијата на САД, додека Хрватска ќе игра против дебитантот Белгија.
Гидсел за фаулот од Дувњак: Тоа го прави свесно, не му е првпат! (ВИДЕО)