Тимот на Охрид наскоро ќе го добие второто засилување за следната сезона во која амбиициите се уште поголеми, а тоа би требало да биде чуварот на мрежата Даниел Ѓоргески. Според информациите на 24Ракомет, голманот на унгарскиот тим Будакалас, по две години во странство ќе се врати во Македонија и ќе застане на голот на охридскиот клуб.
Договорот е пред официјална заверка, и наскоро клубот би требало да го потврди ангажирањето на голманот. Ѓоргески потекнува од Гостивар, беше дел од составите на Вардар Јуниор и Вардар, бранеше и за битолски Еурофарм Пелистер, додека дел од кариерата мина и во Автокоманда во дресот на Металург.
Има настапи во регионалната СЕХА лига и во европските купови. Веќе втора сезона е дел од Будакалас, каде што има одлични настапи. Таму соработува со некогашната унгарска репрезентативка Тимеа Шугар која е тренер на голманите, а беше голманка на Херц Ференцварош во легендарното финале со Кометал Ѓорче Петров во 2002 година.
Во моментов Охрид има тројца голмани – Виктор Василевски, Србинот Александар Миленковиќ и Грузиецот Зураб Цинцадзе. Клубот уште сезонава има шанса во последните три кола да избори место во европските купови, а за в година се најавува исто така конкурентен тим. Ѓорѓески е дел од проектот што треба да му донесе на Охрид и подобри резултати.
Градот на Охридско Езеро веќе почна да го гради тимот за в година и пред неколку денови го објави ангажирањето на хрватскиот интернационалец Рудолф Ѕвонимир Сафранко.
Охрид веќе работи за следната сезона – донесе хрватски лев бек!