Екипата на Куманово, која во продолжението од сезоната ќе се бори за опстанок во македонската елита, ќе биде драстично ослабена.
Српскиот интернационалец Вучко Мрвовиќ, кој ги засили редовите на Куманово на почетокот на оваа сезона, во пријателски дуел со Тиквеш заработи тешка повреда.
Мрвовиќ ги скинал лигаментите на коленото, па така тимот на Куманово во натпреварите од плеј-аут фазата ќе мора да игра без најдобриот стрелец од есенскиот дел.
Левиот бек во регуларниот дел од Супер лигата постигна вкупно 99 погодоци и беше најзаслужен за пласманот на Куманово во осминафиналето од Купот на Македонија.
Куманово за пролетниот дел од сезоната ангажираше три засилување. Во тимот пристига црногорскиот интернационалец Владан Кастратовиќ, кој првиот дел од сезоната го мина во Охрид, како и двајцата ракометари од Србија, Зоран Ѓурковиќ и Никола Бечејац.
Ракометарите на Куманово во битката за опстанок ќе играат против Јуниор КВ, Голден Арт, Скопје, Радовиш, Вардар Неготино, Прилеп и Струга.