Вујовиќ: Жал ми е да го гледам Дувњак толку уморен, со тие подочници..

Легендарниот Веселин Вујовиќ за хрватскиот „Индекс“ направи анализа по натпреварот меѓу Хрватска и Катар.

„Коцкестите“ славеа на тој натпревар, но победата не беше лесно обезбедена. Вујовиќ вели дека Червар мора да најде соодветна замена за преморениот Дувњак.

„Најголемиот проблем го гледам во Дувњак. Тој едноставно не може секогаш да ја повлече Хрватска до крај. На претходните натпреварувања, Хрватска блескаше до полуфиналето или финалето, се додека Дувњак имаше сили. Кога тонеше тој, и Хрватска тонеше заедно со него. Сега ќе му биде уште потешко. Сега му е најтешко, ја прележа короната, не тренираше многу, а пред Светското првенство играше и на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите. Мислев дека Червар барем ќе го одмори повеќе, но тоа не се случи. Кога го гледам толку уморен, со тие подочници, ми е жал за него. Лино мора итно да најде кој ќе му помогне на Дувњак. Не знам каква е ситуацијата со Карачиќ, дали тој се опорави, но знам дека неговото враќање ќе биде спас за Хрватска“, изјави Вујовиќ.

Тој вели дека без Циндриќ и Карачиќ, играта на Хрватска не е иста.

„Играта на Хрватска концепциски се менува од темел кога во составот ги нема Циндриќ и Карачиќ. Тие двајца можат да го заменат Дувњак, а тоа да не се почувствува во играта. Знаат да асистираат, да погодат кога треба, а што е најважно – трпеливи се. Не брзаат и не губат топки. Тоа на Хрватска и недостига во овој момент. Мирни напади. Секоја чест за Шебетиќ, Мартиновиќ, Шарац, но едноставно го немаат тој квалитет“, заврши Вујовиќ.

Хрватска ќе има нешто полесни ривали од другите кандидати за висок пласман и во втората фаза ќе се соочи со Бахреин, Аргентина и Данска.