Велковски и Суси се враќаат на терен, за Сери заврши сезоната!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер денеска ги започнаа подготовките за пролетниот дел од сезоната, во кој ќе се борат на неколку фронтови.

На првата прозивка отсуствуваа репрезентативците Пешевски, Атанасијевиќ, Костески, Кизиќ, Кузманоски, Радовиќ и Лесјак, кои ќе бидат дел од СП, но по паузата поради повреди и операции се вратија десниот бек Мартин Велковски и левиот бек Мохамед Суси, додека за левиот бек Руди Сери сезоната е завршена.

Тренерот Ларс Валтер вели дека ќе биде напорно во првата недела на подготовките.

„Почнуваме денес и првата недела ќе биде физички тренинг. Потоа ќе почнеме да се фокусираме на одбраната, иако не се тука сите ракометари заради обврските кон националните тимови. Но, мора да ја одработиме програмата, иако многу напорна ќе биде првата недела. Потоа ќе внесеме повеќе ракомет и тактика на тренинзите и следната недела планираме контролен натпревар против Еурофарм Пелистер 2. На 26 јануари ќе работиме на мал тренинг камп во Србија. Ќе ги играме во СЕХА натпреварите против Војводина и на враќање од подготовките против Нексе Нашице. Се надевам дека тогаш ќе бидеме во фаза во која треба да бидеме од подготовките. Ќе видиме како Велковски и Суси ќе реагираат, оваа недела е период на тестирања. По неколку минути можам да видам дека Суси не е на нивото на кое сакаме да биде, но верувам дека во наредните неколку дена ќе биде подобро“, вели Валтер.

Покрај дуелите во СЕХА лигата, битолчани ги чекаат уште дуелите во суперлигашкиот плеј-оф, Купот на Македонија и Лигата на Европа.