Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува натпреварот против францускиот Ним во рамките на Лигата на Европа.
Десниот бек Мартин Велковски знае со каков квалитет располага Ним, но се надева дека битолскиот тим ќе ја продолжи добрата серија.
„Мислам дека нè чека тежок натпревар, бидејќи Ним е квалитетна екипа и тоа го покажа низ Европската лига. Мислам дека ќе биде поразличен натпревар од оној во Битола. Тогаш ние влегувавме во форма, а тие беа во врвот на нивната игра. Сега мислам дека играат малку послабо. Детално ги анализираме, еве одиграа натпревар од француската лига. Мислам дека постои шанса, бидејќи играме добро и сме се подобри и подобри и се надевам дека ќе ја продолжиме нашата серија. Мислам дека заслужено ја направивме залихата во групата, бидејќи навистина добро игравме. Ни следат и домашни натпревари во Европската лига, целиме на победи и на тие натпревари и се надеваме на подобар пласман на минатогодишниот во групната фаза“, вели Велковски.
На последниот натпрвар во Суперлигата, битолчани тешко славеа против Бутел Скопје.
„Дуелите со Партизан и Бутел беа добра подготовка. Видовме како е да се игра под притисок. Непосакуван беше натпреварот во Бутел, но густ е распоредот и одеднаж ни дојдоа многу натпревари. Можеби тоа нè разбуди и мораме да бидеме подобри и не смее да дојде до опуштање“, заврши Велковски.
Натпреварот меѓу Ним и Еурофарм Пелистер се игра утре со почеток во 18:45 часот.