Екипата на Ваљадолид, која пред извесен период ги започна подготовките за новата натпреварувачка сезона, денес пред шпанските медиуми официјално ги промовираше двајцата ракометари од Македонија, Дарко Димитриевски и Димитар Димитриоски.
За ракометарот од Велес, Дарко Димитриевски, Шпанија и Асобал лигата не се непознаница, бидејќи искусниот ракометар интернационалното искуство го градеше токму во Шпанија, настапувајќи за Сагунто, Адемар Леон и Синфин Сантандер.
,,Со Давид Писонеро разговаравме две-три години и оваа година конечно успеав да дојдам и да бидам дел од овој тим. Ја познавам Шпанија и Асобал лигата, јазикот ме прави посмирен и можам одлично да комуницирам со сите лица од клубот. Се надевам дека ќе направиме добар тим, моите колеги се добри играчи и добро тренираме, иако сме млада екипа, сепак, мора да одржуваме победнички менталитет”, изјави Димитриевски.
Прилепчанецот Димитар Димитриоски во екипата на Давид Писонеро пристигна од Еурофарм Пелистер 2, а во својата кариера настапуваше и за екипите на Металург, односно Вардар.
,,Ја избрав оваа екипа бидејќи го сакам шпанскиот систем и шпанскиот ракомет. Сега повторно ќе соработувам со Давид Писонеро, со него имав можност да работам во Вардар. Моите карактеристики како среден бек е организација на играта како што е договорено, односно да се знае секој детаљ од нападот. Исто така можам да настапам како лево крило и да преземам голема одговорност”, изјави Димитриоски.
Амбициозниот клуб за новата сезона се засили со уште еден поранешен вардарец, Жозе Толедо. Писонеро со новите засилување ќе има квалитетен тим за добар пласман во шпанската елита, која од година во година станува се поквалитетна, но каталонскиот гигант, Барселона во последните 12 години е неприкосновен.
Македонецот се враќа во Шпанија: Дарко Димитриевски потпиша за Ваљадолид!