Вардар остана без Манасков и Добрковиќ – еве го „црвено-црниот“ ростер за новата сезона!

Раководството на Вардар денес на прес-конференција го претстави тимот за новата натпреварувачка сезона 2023/24. Поранешниот шампион на Македонија во новата сезона ќе има изменет состав, иако останаа повеќе од ракометарите што играа минатата сезона.

Покрај Филип Талески и Куни Моралес, од Вардар заминаа и Дејан Манасков, Јан Чувара, Леонардо Дутра Фереира и Андреј Добрковиќ, а кариерите ги завршија Стојанче Стоилов и Борко Ристовски.

Вардар како голмани ќе ги има на располагање репрезентативците Мартин Томовски и Васил Гогов. Двајцата голмани во минатата сезона на дел од дуелите имаа поддршка од искусниот Борко Ристовски, кој во иднина ќе ја извршува директорската позиција во редовите на „црвено-црните“.

Новото засилување од Металопластика Шабац, Марко Срдановиќ, заедно со кадетскиот репрезентативец на Македонија, Марио Стојановски ќе бидат опциите на позицијата лево крило.

Тренерот Владо Недановски на средната бековска позиција ќе може да смета на тројца ракометари, двајца од нив се нови. Станува збор за Матија Николиќ од Лока и јапонскиот интернационалец Косуке Јашухира од Висла Плоцк. На оваа позиција останува Мартин Карапалевски.

Најмногу промени ќе има на левата бековска позиција, позиција која ја засилија новаците – Стефан Петриќ од Партизан, Нилтон Мело од Викторија и Ансер Родригез од Брага. На оваа позиција од минатата сезона останува македонскиот репрезентативец Марко Мишевски.

На позицијата десно крило нема да има никакви промени, остануваат Дарко Ѓукиќ, Гоце Георгиевски и Ален Ќосевски. На десната бековска позиција, Вардар засега останува само со репрезентативецот Томислав Јагуриновски.

Со заминувањето на Стојанче Стоилов во пензија, „црвено-црниот“ тим на позицијата кружен напаѓач ќе ги има Михаил Аларов, Стефан Атанасовски и Милан Лазаревски.

Подготовките на вардарци за претстојната започнуваат во текот на денешниот ден. Ракометарите на Вардар освен на домашна сцена ќе играат и во Лигата на Европа, но најпрво ќе стартуваат од квалификациите.

Ростер на Вардар за следната сезона:

голмани: Томовски, Гогов
леви крила: Срдановиќ, Стојановски
леви бекови: Петриќ, Мело, Родригез, Мишевски
средни бекови: Карапалевски, Николиќ, Јашухира
десни бекови: Јагуриновски
десни крила: Георгиевски, Ѓукиќ, Ќосевски
пикери: Аларов, Лазаревски, Атанасовски

дојдоа: Марко Срдановиќ (Металопластика), Стефан Петриќ (Партизан), Нилтон Мело (Викторија), Матија Николиќ (Лока), Косуке Јашухира (Висла Плоцк), Ансер Родригез (Брага)

заминаа: Филип Талески (Бенфика), Дејан Манасков (?), Андреј Добрковиќ (?), Јан Чувара (?), Леонардо Дутра (Ал Ахли), Куни Моралес (Загреб), Велко Маркоски (?), Борко Ристовски (пензија), Стојанче Стоилов (пензија)

Ристовски: Донесовме шест засилувања – првична цел е стабилизација на клубот

Михајловски: Се повлекувам од Вардар, но го оставам клубот во сигурни раце!

Крај на една ера – Стојанче Стоилов ја заврши кариерата!