Составот на Келце игра најдобро во досегашниот дел од сезоната во Групата А од Лигата на шампионите, па летот во кој се наоѓа од стартот го продолжи и денеска во СЦ „Јане Сандански“ каде што беше забележана уште една победа од 33:29 против Вардар. „Црвено-црните“ имаа само неколку добри минути и тоа беше премалку за да може да се победи на ваков натпревар.
Првите седум минути од средбата им припаднаа на ракометарите на Вардар, кои во овој дел од мечот имаа 5:1. Oвие четири гола, сепак, не даваа сигурност туку беа само причина гостите да тргнат поофанзивно и шест минути подоцна да биде нерешено, 7:7.
Од овој момент следуваа неколку минути во кои имаше израмнетост на теренот, а потоа следуваше игра во која гостите наметнаа свој ритам. Составот на Келце поведе и постепено ја зголемуваше предноста која стигна и до четири гола.
Сепак, „црвено-црните“ не се откажаа и намалија на три погодока и на одмор заминаа со 13:16.
Вториот дел од натпреварот продолжи во засилен ритам. Следуваа минути во кои профункционираа и нападот и одбраната. Иако и Келце играше на добро ниво, сепак, доволно беше да бидат загубени топка-две за да може Вардар да се врати во игра.
После 18:21 во 40. минута следуваа три минути во кои се казнуваше секоја грешка на противникот. Со 4:0 мечот беше одново свртен во полза на „црвено-црните“ така што се тргна во еден период во кој требаше само да се одработи на високо ниво во продолжение.





HC Vardar 1961 vs Kielce (Champions League, november 2020)
Тука при 22:21 место да се продолжи мирно и само да се одржува и полека зголемува предноста почна брзоплетоста во нападот. Се одеше на брза реализација, а не одеше сè најдобро во таков ритам. Клучниот момент беше кога Келце остана без двајца ракометари на терен. Тогаш место да се одработи полека и сигурно се грешеше при реализацијата и тука веќе противникот одново се врати на плус три и тука победникот веќе беше решен.
До крајот гостите имаа комплетна контрола на средбата и прашање беше само со која разлика ќе финишира овој дуел и кој ќе биде конечниот резултат. На крајот гостите си заминаа со победа од 33:29 така што Вардар останува на една победа и реми во четири одиграни средби.
Алушовски: Келце ги казнуваше нашите грешки, немавме решение за Душебаев
Чупиќ: Со неколку добри минути не се добиваат натпревар против врвни екипи!
Душебаев: Знам колку му е тешко на Вардар, ние имавме предност што немаше публика!
Вардар тргна фуриозно, но Келце си ги спакува и си замина со бодовите (ФОТОГАЛЕРИЈА)