Вардар Неготино освои нови бодови во борбата за опстанок

Тимот на Вардар Неготино ја оствари третата победа во борбата за опстанок во македонската елита по триумфот на Јуниор КВ со 31:25 во натпревар од 6. коло од плеј-аут фазата.

Пред овој натпревар, двете екипи имаа по седум бодови на табелата во плеј-аут фазата и Вардар Неготино со новите освоени бодови направи голем чекор во големата борба за зачувување на суперлигашкиот статус.

Вардар Неготино сега го презеде 4. место на табелата, има 10 бодови и во следното коло, против екипата на Куманово ќе атакува на нова победа за подобар пласман во оваа сезона.

Иако тимот од Скопје го отвори дуелот со водство од 2:0, домаќинот бргу се консолидира и израмни на 2:2. Следуваше период, во кој двете екипи постигнаа по два гола и откако беше 4:4, гостинскиот состав со дотогаш најекспонираниот Симоноски повторно ги врати двата гола предност од воведниот дел и поведе со 6:4.

Јуниор КВ уште во неколку наврати беше во резултатска предност од еден до два гола разлика. Вардар Неготино успеа да го надигра ривалот во завршните десет минути од првиот дел кога при негатива од 8:7 направи серија од 3:0 и го презеде водството во свои раце, поведе со 10:8.

Ракометарите на Вардар Неготино беа разновидни во нападот, пред финишот на првиот дел ги имаа највисоките четири гола предност, поведоа со 14:10, сепак, до крајот на полувремето Јуниот КВ стопи дел од предноста на домаќинот и се избори за два гола негатива на пауза, 15:13.

Второто полувреме започна со голот на Ташев, кој му донесе водство на својот тим од ,,плус три” 16:13. Домаќините во желбата да ги вратат максималните четири гола разлика, правеа грешки во нападот и му дозволија на гостинот да дојде до минус еден, 16:15.

Гостите имаа пад во играта, со што му овозможија на домаќинот да направи серија од 3:0 и да се одлепи на 19:16. Домашниот табор умешно ги казнуваше грешките на противникот и веќе почна да гради сериозна разлика, која во 40 минута беше 21:17, додека минута подоцна домаќините ги имаа највисоките дотогаш ,,плус пет” 22:17.

Во период кога домаќинот имаше фуриозен налет, незадржлив на теренот беше Орешков, кој во минутите кога се „кршеше“ отпорот на гостите, имаше поддршка од Михајловиќ и Петров. Вардар Неготино во 45 минута зголеми на 24:19, потоа имаше и 25:19, и во моментите кога требаше да ја завери победата ја врати неизвесноста на теренот.

По водството на Вардар Неготино од 26:20, гостите врзаа три гола во серија, намалија на 26:23 останувајќи во игра за бодовите. Црвен картон во 50 минута заработи Костадин Петров поради груб старт на еден од гостинските ракометари.

Ракометарите на Јуниор КВ по постигнувањето на 23-от гол на дуелот како да кренаа раце од големата борба и до финишот заостануваа на три до четири гола негатива.

Најефикасни во победничката екипа со по пет погодоци беа Ѓорѓи Ташев, Лазар Адамовиќ и Костадин Петров. Во поразениот табор се истакна Дарио Симоноски со осум погодоци.