Македонскиот шампион Вардар на гостувањето во Белград кај Партизан беше поразен со 28:22 во натпревар од групната фаза од СЕХА лигата, но остана во игра за првото место.
На првиот дуел, кој беше одигран во Скопје, победа оствари екипата на Вардар од пет гола разлика, 31:26.
Тимот на Партизан допрва треба да ги одигра двата дуели со Татран Прешов и исходот од овие натпревари ќе одлучат која екипа ќе биде првопласирана во групата Б, во која Вардар има 6 бода, додека Татран Прешов и Партизан по три бода.
По минималната предност на Вардар во воведниот дел, следуваше период, во кој домаќинот направи пресврт и од негатива од 2:1 успеа со серија од 5:0 да поведе со 6:2 во 10 минута. За овој период голманот на домашниот тим Андреј Трнавац зад своето има имаше запишано пет интервенции. Кризниот период во Вардар, кој речиси седум минути беше без постигнат гол го прекина Јагурновски, намали на 6:3. Македонскиот шампион играше агресивна одбрана, причина поради која имаше три исклучувања во првите десетина минути.
Ракометарите на Недановски се обидуваа да се вратат во игра, но домашниот тим ја одржуваше предноста од воведните пет минути и кон средината на првиот дел имаше ,,плус четири” 9:5. Најрасположен во таборот на ,,црвено-црните” беше Талески и токму левиот бек со два гола во низа намали на 10:8. Во моментите кога Вардар беше во налет, на голот повторно проработи Трнавац, фати неколку зицери на гостите и беше најзаслужен што неговиот тим во 22 минута ги постави највисоките пет гола разлика, 13:8.
Партизан не реализираше во неколку наврари и Вардар го искористи падот кај домаќините, направи одлична серија од 5:0 и израмни на 13:13. Двете екипи во последните пет минути од првиот дел тргнаа од нула. Вардар откако се врати во игра, во финишот од првиот дел постигна само еден гол, домаќините реализираа двапати, така што резултатот на полувреме беше 15:14 за составот на Кржељ.
Вториот дел започна со голот на Мичиќ и домашната екипа некако одржуваше минимално водство од еден до два гола разлика. Трнавац продолжи со одличната партија меѓу стативите, до 35 минута дојде до 13 интервенции. Откако Вардар намали на 16:15, тимот на Кржељ со погодоците на Зечевиќ и Петриќ за момент се одлепи на 18:15.
Ракометарите на Недановски во 40 минута израмнија на 18:18, но тимот на Партизан никако не дозволуваше Вардар да направи целосен пресврт, за три минути постигна два гола и во 45 минута дојде до 20:18. Бековите на Партизан кога беше најпотребно доаѓаа до реализација и во 48 минута водството на домаќините беше 21:18.
Партизан на речиси седум минути пред крајот зголеми на 24:19 водејќи го натпреварот до сигурен триумф. Екипата на Вардар одвреме-навреме доаѓаше до погодок во завршниот дел и се трудеше да загуби со помала негатива. Сепак, Партизан не попушти во финишот и се израдува на победа од шест гола разлика.
Најефикасни во победничката екипа со по осум гола беа Стефан Петриќ и Никола Зечевиќ. Андреј Трнавац дуелот го заврши со дури 20 интервенции. Кај Вардар се истакна Филип Талески со девет гола.