Вардар останува спортски бренд и секогаш е примамлив за сите играчи. За новата сезона „црвено-црните“ потпишаа со двајца репрезентативци на Македонија. По 2,5 сезони во „Јане Сандански“ се враќа Томислав Јагуриновски кој е дете на Вардар, а првпат дресот со логото на двојниот европски првак ќе го облече и Михаил Аларов, пивотменот на Пролет.
Двајцата ракометари потпишаа двегодишни договори со можност за продолжување. Со овој чекор Вардар покажува дека веќе сериозно работи на консолидирањето и враќањето на патеките кои треба да му донесат настап во Лигата на шампионите. Од клубот најавуваат дека ова е само почеток и дека следуваат и нови заслувања кои наскоро ќе бидат обелоденети.
„И покрај понудите од други клубови, двајцата ракометари решија да му се приклучат на Вардар кој е препознатлив спортски бренд во светот, свесни за големината на најдобриот македонски клуб, се вели во објавата на клубот.
За следната сезона веројатно на секоја позиција ќе има по тројца квалитетни играчи, а можно е да се активираат и договорите на Словенецот Нејц Цехте и Русинот Павел Андреев кои лани потпишаа, но откако Вардар извиси за ЛШ, не дојдоа во Скопје.
Јауриновски по две сезони повторно ќе биде дел од Вардар, и тој е дете кое потенува од школата на клубот. По една полусезона мината на Исланд се врати во Македонија, а од следната сезона пак ќе биде дел од Вардар. Игра на позиција на десен бек, а по потреба може и да игра како десно крило. Леворакиот играч веќе е стандарден дел од репрезентацијата на Македонија и со своите игри покажува дека е зрел играч.
Михаил Аларов доаѓа од екипата на Пролет и важи за еден од перспективните пивотмени во првенството. Иако имаше понуди од Македонија и странство, се реши да потпише за македонскиот шампион.
Вардар оваа сезона игра во домашното првенство, каде што имаа 10 победи на 10 натпревари, додека на меѓународна сцена ќе настапува во регионалната СЕХА лига, која наскоро треба да ги објави деталите за групите и распоредот.