Блажески кажа крај: Заминувам задоволен, го давав максимумот во секој клуб!

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија и довчерашен член на Струга, Бобан Блажески одлучи да ја заврши својата ракометна кариера.

Последниот натпревар за Блажески во неговата кариера беше против актуелниот шампион на Македонија, Вардар.

Искусниот ракометар, кој настапуваше за неколку македонски суперлигаши, со дел од нив играше на европска сцена, истакна дека исполнет си заминува од ракометот.

„Можам да кажам дека задоволен и со крената глава си заминав од секој клуб, секаде го дадов максимумот и во секоја екипа се борев до последната секунда. Имав одличен почеток, во тимот на МРК Вардар, потоа Куманово, кој ќе ми остави во убаво сеќавање и со најголемиот успех на чело со еден од легендите на ракометот во Македонија, Пепи Манасков. Со Куманово бевме трето место веднаш зад Вардар и Металург. Радовиш, град во кој минав неколку сезони со прекрасни личности и убава атмосфера, Пелистер и Битола каде сѐ гине за ракометот, а во Охрид минав пет сезони на чело со навивачката група „Рибари“, без кои ништо не беше возможно, како и обезбедениот пласман на европска сцена со тренерот Горан Андоновски. На крај, ја завршувам мојата кариера во родната Струга, која иако не постигна можеби некој голем успех, сепак, даде сѐ од себе, а на секој натпревар ветер во грб ни беше навивачката група „Паткари“ без која немаше да се остварат победите на домашен терен“, изјави Блажески за 24Ракомет.

Стружанецот во својата кариера настапуваше за екипите на МРК Вардар, Куманово, Радовиш, Пелистер, Охрид и Струга.

Во последните неколку сезони беше еден од најдобрите стрелци во суперлигашката конкуренција. Во регуларниот дел од натпреварувачката сезона 2022/23 постигна 63 погодоци.