Бабиќ донесе екс хрватски репрезентативец во стручниот штаб на Подравка

Хрватскиот вицешампион, Подравка, откако доби засилување на тренерската позиција во името на екс тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, денеска клубот од Копривница го промовираше новото име во стручниот штаб.

Поранешниот голман на машката репрезентација на Хрватска, Иван Стевановиќ, ќе биде тренер на голманките во екипата на Подравка.

Стевановиќ своето знаење и искуство што ги стекна во текот на неговата играчка кариера ќе им ги пренесе на голманките на Подравка, Антонија Туцаковиќ, Луција Бешен и младата голманка, Ника Галинец.

Екс репрезентативецот на Хрватска се истакна и во тренерската функција во кадетската репрезентација, но и во сениорската репрезентација на „коцкестите“.

Искусниот голман својата ракометна кариера ја заврши во претходната година. Последен клуб за кој настапи беше полскиот вицешампион, Висла Плоцк. За репрезентацијата на Хрватска забележа 68 официјални настапи. Го носеше репрезентативниот дрес од 2017 до 2019 година.

Најголемиот успех на репрезентативно ниво го оствари на Европското првенство во Полска (2016) каде со неговата репрезентација го освои третото место, односно бронзениот медал.