Екипата на Охрид без поголеми проблем го совлада Куманово со 32-17 во натпреварот од 11 коло во Суперлигата.
Победникот беше познат уште во првите минути од натпреварот, па тоа му овозможи на тренерот Горан Андоновски да ги одмори носителите на играта и да им даде шанса на ракометарите со помала минутажа.
За Андоновски важно е што одиграле сериозно и против послаб противник.
„Покрај победата најважно е што добија шанса и помладите, и тоа добра минутажа 20-25 минути од второто полувреме и покажаа дека Охрид работи сериозно и со помладите категории, што е многу битно за мене и за клубот, бидејќи мора што повеќе да работиме со млади категории за да дојдат играчи во првата екипа. На добар пат сме да влезиме во плеј-офот, сега не чека натпревар со Вардар во Скопје, каде нема да се предадеме предвреме, не се плашиме од никого, и потоа следува „Езерското дерби“ со Струга кога очекувам во убава атмосфера да се простиме од охридската публика за оваа година“, изјави Андоновски.
После победата Охрид останува на третото место со скор од 7 победи и 4 порази, додека Куманово е на дното на табелата со само 1 победа и 10 порази.
Следен предизвик за ракометарите на Андоновски е гостувањето во Скопје кај лидерот на табелата Вардар.