Екипата на Алкалоид на гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер 2 ги освои бодовите по триумфот од 35:30, со што ја запиша четвртата победа во плеј-оф фазата во македонската елита.
Домаќините само во воведниот дел беа во предност, имаа водство во два наврати и откако беше 2:1 за Еурофарм Пелистер 2, гостинот од Скопје направи серија од 3:0 победувајќи со 4:2. Од тој момент, па до крајот, избраниците на Лазаров имаа целосна контрола на резултатот.
Алкалоид кон средината на првото полувреме се одлепи на дотогаш највисоките ,,плус три” 10:7 и во последните 15 минути целосно доминираше на теренот, со мали осилации во играта. Ракометарите на Зарков немаа решение за крилата на Алкалоид – Илиески, Стојков и Петковски.
Тројцата споменати членови на дебитантот во првото полувреме постигнаа вкупно 12 погодоци. Алкалоид умешно ги користеше грешките на ривалот, започна да создава поголема резултатска предност и во финишот од првиот дел најчесто водеше со четири до пет гола разлика. Тимот на Лазаров на полувреме замина со активен резултат од 20:15.
Еурофарм Пелистер 2 во продолжението успеа да стопи дел од предноста на гостинскиот состав, намали на три гола разлика и при водство на Алкалоид од 23:20, имаше шанса да дојде и до два негатива. Сепак, домаќините во желбата да направат камбек погрешија овозможувајќи им на гостите да заминат на 24:20.
Следуваше период, во кој предноста на Алкалоид беше три до четири гола разлика, во 50 минута избраниците на Лазаров се вратија на максималната предност од првото полувреме, зголемија на 32:27 и го водеа натпреварот до сигурен триумф.
Најефикасни во победничката екипа со по седум погодоци беа Мартин Серафимов и Божидар Илиески. Во поразениот табор се истакна босанскиот интернационалец Павле Петровиќ со осум погодоци, а одлична партија одигра 16-годишниот Самоил Рисетски, кој имаше седум реализации.