Алексо Лембанов останува тренер на Пролет

Лембанов ја доби довербата на управата за да остане на чело на тимот и за новата натпреварувачка сезона.

Пролет и во следната сезона ќе биде предводен од младиот и амбициозне тренер Алексо Лембанов, кој сезонава успеа да извлече максимум од екипата, но и да му донесе „финансиска“ корист на тимот. Иако играше со сопствени играчи, на полусезона „продаде“ тројца, потоа регрутираше млади од сопствените редови и повторно беше „тврд орев„ за сите екипи.

Младиот предводник за главен тренер на Пролет дојде откако претходно беше дел од стручниот штаб на Никола Матлиески, Зоран Кастратовиќ и Андон Бошковски.

По оствареното во изминатата сезона, Лембанов ја доби довербата на управата за да остане на чело на тимот и за новата натпреварувачка сезона, во која Пролет ќе оди по ланскиот рецепт, учество во плеј-оф фазата, создавање млади играчи и доколку може да избори пласман за европски куп. Сега ќе биде уште потешко бидејќи конкуренцијата станува се поголема.

Клубот во изминатата сезона настапуваше во плеј-оф фазата, но не можеше да направи нешто повеќе, бидејќи остана без тројца главни играчи, кои преминаа во Вардар (Аларов и Јагуриновски), односно Алкалоид (Џонов), па така неколку млади ракометари на полусезона беа прекомандувани во сениорскиот тим и покажаа дека имаат голем потенцијал, кој  максимално треба да биде искористен.

Пролет под водство на Лембанов стигна и до Ф4 во Купот на Македонија, но и до солидни резултати во младинските категории.

Прво засилување во тимот на Пролет за новата сезона е поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Филип Арсеновски. Екс ракометарот на Металург и Еурофарм Пелистер 2 во тимот на Лембанов ќе пристигне од швајцарскиот суперлигаш Амичитија Цирих, клуб во кој го имаше првото интернационално искуство.

Договорот со клубот го продолжи левото крило Давор Палевски и голманот Данило Михаљевиќ, а за следната сезона се очекува да пристигнат уште неколку квалитетни засилувања со кои Пролет би бил поконкурентен на домашна сцена.