Стојановиќ: Ќе се надигруваме со секого, подготвени сме за чекор напред

Mашката кадетска репрезентација на Македонија ја очекува настапот на Светското првенство во Хрватска и дуели против Норвешка, Црна Гора и Грузија.

Селекторот Раде Стојановиќ и неговиот стручен штаб со Бранко Ангеловски и Наум Танески и нивните избраници вечерва патуваат за Ријека, каде Македонија ќе ја игра првата фаза.

Подготовките започнаа кон крајот на јуни, дел од нив беа одработени во Маврово, а беа одиграни и четири пријателски натпревари – две против Унгарија, и две против комбинираниот тим на Еурофарм Пелистер и Мулти Есенс.

„Од ракометен аспект задоволни сме, ние како стручен штаб, од подготовките, бидејќи избраните играчи ја исполнија во целост програмата за физичка и тактичка подготовка“, вели Стојановиќ.

Пласманот на СП во Хрватска беше обезбеден со освојувањето на трофејот на ЕХФ шампионатот во Летонија минатото лето.

„Оваа репрезентација подмладена со играчи од 16 години како Дамјан Митев и Самоил Ристевски, прв пат е на големо натпреварување, но од друга страна силно верува во секоја победа и има голема желба подобро да ја претстави Македонија на претстојното Светско првенство. Како што имам кажано и претходно самиот пласман за оваа генерација е голем успех, да оваа генерација се развива и расте играчи на големи натреварувања. Спремни сме за чекор понапред, иако сме на СП, а екипите во групата ни се европски“, продолжи Стојановиќ.

Голем хендикеп ќе биде повредата на Димитар Узунчев, кој се повреди на пријателскиот натпревар против Еурофарм Пелистер.

„Најголем хендикеп е повредата на Димитар Узунчев кој како левак и играч во два правци е додадена вредност, но за жал поради повредата нема да може да патува а сите ние му посакуваме побрзо враќање на терените. Слична ситуација ни се случи минатата година на ЕХФ шампионатот. Сега имаше простор за повик на играчот Кристијан Стаменковиќ кој беше присутен во текот на подготовките, но тој поради лични причини одби да дојде на Светско првенство во Хрватска. Да им се заблагодарам на Еурофарм Пелистер и Мулти есенс, што ни излегоа во пресрет за одиграните пријателски натпревари“, вели Стојановиќ.

Прв ривал е Норвешка на 2 август, додека на 4 и 5 август, Македонија ќе се соочи со Црна Гора и Грузија.

„Околу противниците, знаеме Норвешка дека од последното ЕП за кадети беше во ТОП 8 и заврши на седмо место, тежок противник. Црна гора е поискусна од нас за едно големо натпреварување, тие беа 12 место на претходното првенство. Тие и Норвешка по распоред на натпревари во групата се како благи фаворити во нашата група. За Грузија имаме информации дека одиграле доста пријателски натпревари во овој период. Пак ќе напоменам европска група за нас, но ќе се надигруваме со секого и секоја победа за нас ќе биде успех. Ќе дадеме максимум во секој поглед што подобро да ја претставиме ракометна Македонија на оваа првенство. И ве уверувам дека оваа генерација во наредните години ќе биде спрема за големи дострели, секако доколку работи на овој начин и посветено“, заврши Стојановиќ.

Кадетите утре би требало да одработат тренинг во Ријека, а веќе од среда стартуваат натпреварите на СП.