ЕХФ понуди, а РФМ прифати. Македонија ќе игра на женското ЕП на плажа што од 24 до 28 мај треба да се одржи во Назаре, Португалија. Одлична можност да се биде дел од европската елипа, па дури и ако тоа е по откажување на некои други. Прво учеството го откажа Турција, потоа поканата од ЕХФ ја одбија и Чешка и Швајцарија, следна на ранкингот беше токму Македонија.
Сепак, се поставува прашањето дали нашата федерација и држава, во која нема ниту клубови за ракомет на плажа, ниту пак лига, ниту пак турнири во истиот спорт и само еден терен за вежбање (во Скопје покрај кејот на Вардар), ќе може ли да направи екипаж за Португалија. Правилата на ракомет на плажа се „слични, ама многу различни“ во однос на сегашниот ракомет во сала. Тоа е спорт што цели да биде дел од Летните Олимписки Игри, и затоа и ЕХФ и ИХФ доста посветуваат внимание.
Од аспект на Македонија, проблематичен е и датумот на одржување на ЕП, само три дена откако ќе заврши домашното женско првенство. Доколку некоја ракометарка од домашното првенство биде повикана, ќе има само 1-2 дена за вежбање и совладување на правилата. Вообичаено оние што играат „нормален ракомет“, не настапуваат на ракомет на плажа, туку тоа се играчи кои се специјализираат за такви натпревари. Ако се бараат играчи од домашното првенство, можно е поместување на некое коло за да се добие барем уште некој ден за воигрување, се разбира ако временските услови тоа го дозволуваат.
Македонија за последен пат на вакво натпреварување учествуваше на ЕП во Катовице (2019). Од ракометарките кои што настапија на ЕП во 2019, активни се сите, дел од нив играат во Македонија, дел низ Европа. Во Катовице под водство на селекторот Сашо Србиновски настапија Теодора Гулицоска (Чаир), Сања Дабевска (ПАОК), Пена Граматова (Куманово), Теодора Маркоска (Стружанка), Бисера Паскал (Херцлија), Моника Јанеска (Коњалти), Драгица Митрова (Феникс – Малта), Симона Гроздановска (Винтетрур) и Александра Боризовска (ПАОК). Ниту една од овие ракометарки оттогаш нема играно ракомет на плажа, ниту пак селекторот Србиноски имал можност да ги собере потенцијалните репрезентативки.
Од тој период, па до сега, се нема сменето ситуацијата кога е во прашање популаризацијата на овој спорт, иако Македонија во минатото имаше дури и настапи на ЕП во машка и женска конкуренција. Нема ниту обиди нешто да се смени, и да почнат барем турнири. Единствено во Струга постои клуб, и тој до пред пандемијата во летниот период постојано настапуваше на турнири во Грција. Но, тоа е премалку за да се констатира дека нешто сериозно се случува во ракометот на плажа.
Немаме ниту тренери за ракомет на песок кои би знаеле да ги пренесат правилата, а уште помалку играчи кои би се специјализирале само за вакви игри. Своевремено сакајќи да се популаризира овој спорт како директор на репрезентацијата беше назначена познатата ТВ водителна Лила Филиповска. Но, и таа епизода кратко траеше.
Единствениот наш претставник во ракомет на плажа во ИХФ е Марјан Начевски кој е делегат на ракомет на плажа, а последниве години со делегатска значка на ЕХФ се здоби и Гордана Ѓорѓеска од Гостивар.
Во 2021 година на генералното собраните на РФМ од страна на прволигашот Младост Богданци имаше предлог да се организира турнир на песок, со цел добивање на популарност на овој спорт. Заклучокот беше клубот да се обрати до РФМ за помош и објаснување. На истото Собрание имаше и одлука да се формира Здружение за ракомет на песок. Од желбите и најавите нема ништо во последните години.
Последното директно вложување од РФМ е на теренот за ракомет на плажа пред хотелот Дрим, создаден на иницијатива на Марјан Начевски кој со години е запуштен. Во функција не е ниту скопското игралиште на кејот на Вардар, кое го изгради поранешниот татко на Скопје, Коце Трајановски, но неговите наследници не го одржуваа на ниво соодветно за подготовка на национална репрезентација. Истиот е „ограден кафез„ каде наместо убавините на ракометната игра почесто ќе ја гледате оградата.
Играњето на ЕП во ракомет на песок е убава идеја, и можност РФМ да искористи нешто од добиениот ваучер, за промоција на овој спорт. Но, уште поубаво е ако таа промоција почне дома, па потоа да се „мериме“ со другите надвор.