Ракометарите на Вардар одиграа одличен натпревар во кој 60 минути речиси иста постава се бореше за бодови на овој дуел. Со само една до две измени на крајот бодовите беа поделени, па двата тима ќе мора да се задоволат со по еден поен после нерешените 28:28.
Вардар тргна со игра 7 на 6 во нападот во обид да го изненади ривалот бидејќи на овој дуел очигледно Кристопанс и Дисингер не беа во можност да помогнат. Ова даваше резултат на стартот од средбата, а Вардар после неполни девет минуги имаше резултат од 7:3 што беше одлично за почетокот на овој дуел. На ова Келце одговори со погодоци преку Јуркиевич и Карачиќ и со одбрана на Волф, за веднаш потоа да следува „решетање“ од сите страни, па Чупиќ, Калараш и Атман обезбедија 10:5 на средина од првото полувреме.
Сепак, следуваше криза во играта, па петте гола брзо ги снема. Неколку акции во кои вардарци чекаа прекршок, судиите останаа без реакција, па Келце успеваше брзо да пресече и буквално го полнеше празниот гол бидејќи Вардар и понатаму играше со два пивоти во напад. Во финишот на првото полувреме, сепак, Вардар дојде до предност од 17:15, но на одмор се замина со гол позитива откако беше примен уште еден погодок пред крајот на првиот дел.
Стартот на второто полувреме беше на нивото од поголемиот дел од средбата. За четири минути Вардар дојде до плус четири и водеше со 20:16, а потоа следуваа одново неколку напади во кои не одеше најдобро. „Црвено-црните“ имаа проблеми и одново имаше ситуации во кои чекаа прекршок, а судиите не реагираа. Тоа овозможи Келце со контри само да ја смести топката во празниот гол.
Ова резултираше со негатива за Вардар. Иако Гедбан успеа да запре неколку топки, Вардар на средина од второто полувреме имаше негатива од 22:25 и ова беше резултат кој покажуваше криза кај „вардарци“, а воедно и замор кај ракометарите кои го носеа товарот од почетокот на средбата.
Сепак, еден одбранет пенал од Гедбан, а потоа и уште еден зицер, како и два интересни погодоци на Чупиќ и Скубе го вратија Вардар во овој дуел. Меѓутоа после намалувањето на гол негатива никако не можеше да се најде патот кон голот на Корнецки. Во оваа ситуација беше и добро тоа што Гедбан бранеше одлично во овој период и запре неколку зицери покрај да седмерци, па шансата остануваше.
До нерешени 26:26 конечно се стигна во 56. минута кога Скубе одлично го проигра Пелко, а овој се снајде добро и реализираше. Во последните две минути Вардар беше тимот кој влезе со предност, но после 28:27 следуваше реализација од Кулеш, а откако имаше грешка во нападот на Вардар, Гедбан со уште една одбрана остави простор за напад за триумф на Вардар.
Имаше останато само 12 секунди, а немаше тајм-аут. Скубе тргна да реши, но шутот не беше така силен, па Корнецки обезбеди бод за својот тим на овој меч.
ВАРДАР – КЕЛЦЕ 28:28 (17:16)
Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 5500. Судии: Роберт Шилце и Тобијас Тонис од Германија. Делегат: Клаус Дитер Конвенц од Белгија.
ВАРДАР: Гедбан (10 одб., 2 сед.), Кугис (2 одб.), Кизиќ, Стоилов 4/5, Кукуловски, Димитриоски, Кристопанс, Сикошек Пелко 2/2, Дисингер, Атман 3/7, Скубе 7/11, Калараш 3/5, Чупиќ 6/9, Дибиров 2/8, Шишкарев 1/1, Горпишин.
Седмерци: 2/2, Исклучувања: 8 мин.
КЕЛЦЕ: Волф 0/1 (6 одб.), Корнецки (3 одб.), Вујовиќ, Карачиќ 3/7, А. Душебаев 5/9, Пеливан 0/1, Агинагалде 1/2, Јанц 7/10, Лијевски 0/1, Јуркиевич 1/4, Кулеш 4/5, Фернандез Перез 6/6, Каралек 1/2, Гуиљо.
Седмерци: 1/3, Исклучувања: 12 мин.